X
 15.05.2023 Наша тема

Асистенцијата на децата со аутизам од основното треба да продолжи и во средното образование, вели Анита Младеновска, специјален едукатор и рехабилитатор

Најголемиот број средношколци со аутизам или учат во специјалните училишта, кои се многу малку, или пак се вонредни ученици бидејќи одењето во училиште знае да биде поголема траума отколку некакво задоволство, или пак да има полза. А многу остануваат со основно и понатаму не продолжуваат со образованието, вели Ирена Лозана, мајка на дете со аутизам

Булингот и неинклузивното однесување, неприфаќањето на соучениците со аутистичен спектар се најчестите проблеми со кои се соочуваат средношколците со аутизам.
Според родителите на децата со аутизам, многу е тешко да се одреди што точно е потребно за нивно добро функционирање во училиштето.

-Една од работите што може да се подобрат во одделението или, пак, во училиштето е да се создаде група на наставници и соученици кои ќе бидат поддршка на ова дете. За ова е потребно да се направи план, како секој од лицата во оваа група може со многу мали и речиси незначителни активности во текот на денот да придонесе кон многу полесна комуникација, соработка и дружење со детето со аутизам. За една ваква организација е потребно малку знаење, малку поддршка и многу волја - ни споделува Ирена Лозана, мајка на дете со аутизам.

Асистентот е само едното ќоше од триаголникот


Според Лозана, асистентите се од голема помош и можат да бидат клучни во создавањето добро искуство од училиштето и за детето со аутизам и за неговата околина

- Во светски рамки постојат модули на создавање вакви групи за поддршка и тие прекрасно функционираат. Но, секако, најважно и најпотребно е секој од нас, најмногу наставниците и родителите, а потоа и децата, силно да работи на создавањето на инклузивната свесност која е единствената што може да ја претвори инклузијата од мртви букви на хартија во убава заедничка и меѓусебна соработка и дружење. Она што сега државата го нуди како поддршка во средните училишта се асистентите, со исклучок на државните училишта кои, за жал, не обезбедуваат асистенти. Асистентите се од голема помош и можат да бидат клучни во создавањето добро искуство од училиштето и за детето со аутизам и за неговата околина. Јас лично сметам дека асистентите треба да имаат дополнителна обука кога работат со лица со аутизам и со други интелектуални попречености - споделува таа.

Менталното здравје и високата емоционална интелигенција на асистентите се клучни за успешно справување со сите предизвици што може да се појават во текот на денот и во рамките на училиштето.

- Асистентот е само едното ќоше од триаголникот кој се обвива околу детето со аутизам, на другата страна се родителите со своето огромно влијание, и на крај се наставниците и децата во одделението. За жал, нашиот образовен систем нема капацитет да одговори на потребите и на многу други деца со типичен развој, особено на децата кои се талентирани и надарени, па така и децата од аутистичен спектар се оставени да опстојуваат во училиштето и да бидат присутни најчесто како бројка. Верувам дека асистентите го даваат својот максимум да им помогнат на децата да совладаат барем дел од наставниот материјал, но проблемот е што многу често на овие деца овој материјал им е безвреден бидејќи многу од нив имаат тешкотии во совладување и справување со многу поосновни животни вештини. Дискрапанцата што се појавува во тоа што на овие деца им е навистина потребно и што системот нуди честопати е голема и поради тоа во овој процес „горат“ и наставниците, и родителите, и асистентите, а резултатот е неинклузивно свесни деца кои не знаат и не можат да го разбудат својот капацитет за соработка и секако несреќни и маргинализирани деца со аутизам кои се чувствуваат исклучени, несреќни, неисполнети и летаргични - истакнува Ирена.


Ирена Лозана
Сите треба да се зафатиме со работа

Моментална состојба на нашиот образовен систем треба многу да се смени за да може да се создадат училници кои се вистински инклузивни и кои ќе имаат капацитет без никаков проблем да ги пречекаат сите деца, независно од нивната поинаквост или попреченост.

- Концептот на инклузивна училница, пред сѐ, тргнува од вистинските вредности и развивање на капацитетите на секое дете еднакво, но тргнувајќи од неговиот личен капацитет. Инклузивните училници се училници кои активно и свесно им помагаат на децата да учат искуствено и да ги зголемуваат своите таленти и јаки страни. Она што треба да се смени во нашето образование е свеста на оние што ги прават политиките во образованието, а потоа сите надолу во тој процес завршувајќи со наставниците. Ако сакаме да видиме инклузивни деца и една подобра генерација на свесни граѓани, ние возрасните треба да се зафатиме со работа. Сите обвинувања што сега ги испраќаме на адреса на децата, нивната незаинтересираност, нивната летаргичност, нефокус и невнимание особено во училиштето се само слика на она што ние возрасните упорно им го кажуваме - како не треба, а истовремено ние го правиме истото. Најголемиот број средношколци со аутизам или учат во специјалните училишта, кои се многу малку, или пак се вонредни ученици бидејќи одењето во училиште знае да биде поголема траума отколку некакво задоволство, или пак да има полза. А многу остануваат со основно и понатаму не продолжуваат со образованието - вели Ирена.

Средината да им излезе во пресрет на потребите на ученикот

И според Анита Младеновска, специјален едукатор и рехабилитатор и вработена во ДСУ – РЦСОО „Киро Бурназ“ Куманово како стручен соработник во стручната служба на училиштето, како и член на Здружението за унапредување на квалитетот на животот на лицата со аутистичен спектар на нарушување „Синa светулка“, проблемите на средношколците со аутизам се опсежни и комплексни.


Анита Младеновска

- Ако зборуваме во општа смисла, тогаш може да се рече дека тие проблеми се движат од една во друга крајност и се дијаметрално различни. Првенствено, проблемите почнуваат со непостоењето услови за функционална инклузија, неприфаќањето од средината (поради неинформираност за аутизмот како состојба, а не болест), неподготвеност и/или нестручност на наставничкиот кадар и стручните служби во училиштата, па сѐ до личните проблеми кои ги има секој ученик со аутистичен спектар на нарушување, индивидуално - вели Анита.

За подобро функционирање, потребна е физичка подготвеност на условите во училницата, кабинетите и салите на училиштата.

- Најголем процент од учениците со АСН се фокусирани на визуелните дразби, така што секој простор каде што ќе се движи ученикот треба да биде правилно испланиран за визуелна перцепција. Според мене, поважно е средината да биде подготвена како да им излезе во пресрет на потребите на ученикот, почнувајќи од сензибилизација на учениците и нивно информирање, поголема подготвеност на стручните служби за да знаат како да се постават и да му помогнат на ученикот. Информирањето на родителите и нивна едукација, особено на родителите на учениците со типичен развој кои се дел од класот на ученикот. И неопходна потреба е ангажирањето образовни асистенти - изјавува Анита Младеновска.

Како што нѐ информира таа, секоја општина си води сопствена статистика колку има потреба од образовна и лична асистенција и дали може да биде обезбедена.

-Најголем дел од основните училишта, според новиот Закон за основно образование, имаат ангажирано образовни асистенти преку ресурсните центри, додека за средното образование сѐ уште се чека новата концепција со која истото од основно ќе се преслика во средно образование. Потребно е асистенцијата од основното образование да продолжи и во средното, како континуум за успешна инклузија. Моментално, за средните училишта се обезбедуваат образовни асистенти преку проектот за општокорисна работа, но нивниот статус се дефинира стриктно за една година, а за понатаму е неизвесно - ни споделува таа.

Асистентите се повеќе од потребни

Сите теоретски и практични истражувања (квантитативни и квалитативни) се сведуваат на ист заклучок: асистентите се повеќе од потребни! Нивната помош е незаменлива бидејќи се мостот помеѓу ученикот со АСН, наставниците, родителите, учениците со типичен развој, стручните служби и ресурсните центри, категорична е Анита.

- Нивен фокус се потребите на ученикот и со правилна асистенција, ученикот може навистина успешно да се интегрира во средината и да стане корисен член на заедницата. Асистентот ги координира работата на наставникот и потребите на ученикот, успешно користејќи ги индивидуалните капацитети со кои располага ученикот и кои можат правилно да се насочат и искористат. Многу е тешко да се променат стереотипите и предрасудите во една средина, а уште потешко да се направат корекции на ставовите - вели таа.

Образовниот систем е убаво конципиран, но практичните резултати од тоталната инклузија покажуваат други резултати.

- Корекциите во образовниот систем се нужни, не само да функционираат во теоретска смисла, туку да понудат услови и решенија за проблемите кои ги наметнува инклузијата. Вештачки е да се „вметне“ ученик со посебни образовни потреби во една паралелка, без разлика дали е основно или средно, да му се обезбеди асистент и тука да заврши приказната. Потребни се вистински решенија за стандардизација на индивидуалниот образовен план, модифицирана програма, финансиски ресурси за асистивна технологија, современи дидактички материјали и наставни средства. Како заклучок би рекла дека имаме од каде да учиме за инклузијата и истото да го примениме кај нас, но со многу труд и напор. Ние можеме да имаме совршени закони и подзаконски акти, но примената и преобликувањето на ставовите за инклузијата се неизоставен дел од инклузивната имплементација - истакнува Младеновска.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема