Многу е веројатно дека една од омилените германски актерки, Марика Рок, била советски агент. Ова откритие е обелоденето по декласифицирањето на документацијата на тајните служби, јавува
Гардијан. Рок, на која ѝ било забрането да работи две години по завршувањето на војната заради блискоста со нацистичкиот режим, всушност информациите за Третиот Рајх ги пренесувала во Москва.
Марика Рок е родена во Каиро, во 1913 година. Родителите ѝ биле Унгарци, а детството го поминала во Будимпешта. Кариерата ја започнала за време на нацистичкото владеење како ѕвезда на оперетите. Снимила 40 филмови, а починала во 2004 на 90-годишна возраст.
Се верува дека во КГБ ја регрутирал менаџерот Хајнц Хофмест. Сè уште не се знае нејзината конкретна улога во разузнавачката мрежа, како ни какви информации пренесувала во Москва. Се претпоставува дека и нејзиниот сопруг, Георг Јакоби, работел за Советите.
Марика Рок била дел од планот на нацистичкиот режим за создавање на моќна филмска индустрија која би се натпреварувала со Холивуд. Се сметала за најомилената актерка на Адолф Хитлер, а наводно имала афера со министерот за пропаганда, Јозеф Гебелс.
Станала славна во 1934 после улогата во филмот „Leichte Kavallerie“ (
Лесна коњица). Честопати глумела во пропагандни филмови заедно со Јоханес Хестерс. Поштенската картичка која
Рок му ја испратила на Хитлер во 1940 каде му се заблагодарува за добиениот букет цвеќе, е изложена во Берлинскиот филмски музеј.
Откритието дека познатата актерка е советски агент се припишува на
Gehlen, западногерманската организација од која подоцна ќе произлезе моменталната германска разузнавачка служба, БНД.