X
 24.03.2017 Живот

„Бев првиот што го виде Хитлер мртов“


Хитлер
(Фото: Bundesarchiv)

Рокус Миш, сè до својата смрт во 2013, беше последниот преживеан од бункерот на Хитлер, а неодамна од печат излегоа неговите мемоари.

Independent ја објави приказната на Миш, каде последните минути од животот на Фирерот се опишани до најситен детаљ: како му соопштил на персоналот дека се ослободени од обврската за лојалност и дека сака неговото тело да биде кремирано. А веднаш потоа, се убил.

Миш бил на должност како телефонски оператор во Хитлеровиот бункер, кога на 30 април 1945 година, генералот Кејтел пратил порака дека силите на Вермахтот не успеале да ја пробијат советската опсада на Берлин и дека крајот на Втората светска војна е неизбежен.

„Кратко потоа, Миш го чул Хитлер како тивко разговара со Борман и со другите високи нацисти, а веднаш  потоа се повлекол во својата канцеларија. Ева, која веќе била госпоѓа Хитлер, го следела“, вели уредникот на книгата, Мартин Мејс.

„Миш видел како  Хитлер се ракува со Ото Гинше, неговиот аѓутант, при што му рекол дека ги ослободува сите војници од обврската за лојалност. Потоа Гинше ја затворил  вратата  по тукушто венчаната двојка, со забелешка дека шефот порачал никој да не ги вознемирува“, додава Мејс.

Она што најмногу го загрижувало Фирерот во тие моменти, а го споделил со својот аѓутант, е дека несакал да дозволи неговото тело јавно да биде влечено, каков што бил случајот со Мусолини. Тоа била причината зошто инсистирал неговото тело да биде запалено.  „Сите во бункерот  нервозно чекаа. А потоа настана гужва. Вратата од канцеларијата се отвори, а Миш погледна внатре“, вели уредникот. Еве како тој ја опишува таа глетка во мемоарите:

„Погледот прво ми падна врз Ева. Таа седеше со свиткани нозе, со главата наведната кон Хитлер. Чевлите ѝ беа под каучот. А до неа... мртвиот Хитлер. Очите му беа отворени, како да гледаше во нешто, со главата поместена некако кон напред.“

Миш исто така пишува дека во една прилика го чул разговорот меѓу Ева Браун и Магда Гебелс како се колнат дека ќе умрат заедно со своите сопрузи. И го исполниле своето ветување.

После падот на Берлин, Миш завршил во советско заробеништво и осум години поминал во работен логор.  До крајот на својот живот, за Хитлер зборувал со нежност, како за „одличен шеф, кој воопшто не бил брутален“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот