X
 05.03.2017 Технологија

Како брзо да си ја надополниме батеријата од мобилниот телефон


Ајфон на полнач

Телефоните што ги користиме стануваат сè помоќни, со поголеми екрани, а батериите во нив се обидуваат да го издржат сиот тој товар. Не е невообичаено да го побараме полначот кон крајот на денот, без оглед на тоа кој е производителот или моделот што го користиме.

Во бурните денови, кога распоредот ни е исполнет со состаноци, времето за полнење е минимално. Ако втрчуваме од состанок на состанок, на пример, можеби ќе имаме само пет минути или помалку за да го приклучиме телефонот на достапниот приклучок. Ќе сакаме да ја надополниме батеријата што е можно повеќе во најкраток можен рок. Следниве чекори за брзо полнење на батеријата на телефонот во текот на кратки интервали, би требало да ни сочува доволно енергија во батеријата за да го поминеме денот.


1. Режим на работа - Airplane Mode

Еден од најефикасните начини за брзо надополнување на батеријата на телефонот, без разлика дали втрчуваме од состанок на состанок или влегуваме во такси или автобус, е можноста за ограничување на количината на енергија што се троши за време на надополнувањето. Еден од најдобрите начини за тоа е да се вклучи режимот Airplane Mode, веднаш штом ќе го приклучиме телефонот на полнење.

Разликата е поголема отколку што можеме да замислиме. Без трошење на енергија за проверка на безжичните врски, за ажурирање на апликациите со предупредувања и за поврзување на телефонот на својата мобилна мрежа, нашиот телефон ќе троши многу помалку енергија од вообичаеното.

2. Да се воздржиме од проверување на телефонот

Веќе го спомнавме режимот Airplane Mode, но, всушност, сè што вообичаено правиме би можело да ја заштеди батеријата додека сме надвор и да го помогне нејзиното брзо полнење кога телефонот е приклучен. Тука секако спаѓа и искушението телефонот да се проверува на секои пет минути за да се види колку нивото на батеријата е зголемено.

Друга опција е да го завртиме телефонот со лицето надолу на маса и да ги исклучиме сите звучни нотификации и вибрации, па искушението да го дофатиме и да почнеме со прелистување на пораките ќе биде помало. Со десетминутно непрекинато полнење на батеријата ќе добиеме многу повеќе енергија отколку за десет минути полнење додека прелистуваме на веб и разговараме со колегите.

3. Приклучување во електричен приклучок

Можноста за надополнување на батеријата преку лаптоп е секако многу корисна доколку немаме штекер во близина. Но, количината на енергија која телефонот ќе се обиде да ја добие преку USB приклучокот на лаптопот, не се споредува со она што може да го понуди приклучокот во струја, иако точниот сооднос варира во зависност од вклучената периферна опрема.

Ако мора да надополниме преку USB, тогаш понов компјутер е подобра опција, бидејќи поновите USB стандарди овозможуваат уредите да располагаат со поголема моќ.

Исто така, важно е да се користи полначот што е испорачан во комплет со телефонот, или барем негова соодветна замена. Полначот и кабелот се произведени за да го надополнат уредот што е можно поефикасно, а заменските производи од трети лица нема да дозволат соодветен проток на електрична енергија за да надополнување.

4. Телефон со брзо полнење

Технологијата за брзо полнење е достапна речиси секаде освен кај Ајфоните (барем засега, иако е најавена кај моделите од 2017 година). Ако сакаме телефон кој може да се „врати на нозе“ само после неколку минути полнење, следниот пат кога ќе купуваме нов мобилен телефон, треба да имаме на ум и да се распрашаме за моделите кои ја нудат оваа функција.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија