Голем дел од граѓаните ја сфаќаат опасноста од физичкото казнување на децата и се убедени дека тоа не е добра воспитна мерка. Тие би поддржале и закон со кој целосно ќе се забрани физичко казнување на децата, покажа анкетата која ја направи www.fakulteti.mk. Сепак, има и загрижувачки процент, дел од возрасните кои веруваат во поговорката: „Ќотекот од рајот излегол“.
© Shutterstock nuotr.
Литванскиот Парламент неодамна усвои целосна забрана за физичко казнување на децата, без ниту еден глас „против“ од пратениците во Долниот дом, со што стана 52. земја во светот, која донесе таков закон.
Законодавството во Република Македонија предвидува казни за телесна повреда, а воедно се предвидуваат и казни и за запуштање и малтретирање на малолетно лице. Во исто време, низ различни закони, се осуетува физичката казна за детето, но нема посебен закон за оваа проблематика.
Преку анкетата се обидовме да го опипаме пулсот за ова прашање и за негово ставање во посебна законска рамка.
На прашањето „Дали физичкото казнување може позитивно да влијае на воспитувањето на детето?“ добивме одговор од 302 читатели. Одговорите велат дека 72,5 проценти не веруваат дека физичкото казнување е позитивна воспитна мерка, додека 26,5 сметаат дека е.
- Физичкото казнување оправдува насилство, може да доведе до рефлектирање на насилно однесување надвор од домот и не го поправа однесувањето. Може негативно да влијае на развојот на личноста на детето и да предизвика трауми - вели читател.
Друг објаснува дека добрите манири, посветеноста, играта и љубовта треба да бидат јазикот на кој зборуваат родителите со децата, а не шлаканиците.
Со физичко казнување, прво, вели читател, само може да се покаже кој е во моментот посилен. Но, така се создаваат деца кои се плашат од своите родители, а авторитетот наметнат со физичко казнување не е вистинска почит, туку стравопочит. Резултат од тоа е возрасни луѓе кои можат да функционираат единствено ако имаат јарем на вратот.
- Секој вид насилство раѓа насилство. Децата кои растеле со насилство најчесто стануваат насилници кога ќе пораснат и како такви тие го оправдуваат насилното однесување - пишува читател.
Друг дел од возрасните, пак, сметаат дека ќотекот го поттикнува правилниот развој на детето. Некои од нив потенцираат дека детето не смее да се физички повреди со ваквата казна, туку, како што велат, „да се делува воспитно“.
- Без физичко казнување, децата им се качуваат на глава на возрасните (професорите) – одговорил читател во анкетата.
Друг смета, како што потенцира, дека, за жал, постојат деца со таков карактер кои не можат да научат дека одредени нивни постапки предизвикуваат негативни последици на друг начин освен преку телесно казнување (нормално, во блага форма, како удар по задникот).
- Со надеж дека тие нема да ја повторат постапката во иднина, најверојатно од страв од болката која ја почувствувале во моментот кога биле казнети. И секако, ниту еден родител не го удира детето од мерак, туку самиот акт е потресно искуство и за него колку и за детето – вели тој.
„Еден шамар милион зборови“, напишал учесник во анкетата.
Оние кои го оправдуваат ќотекот веруваат дека така ќе стекнат авторитет.
- Доколку е ситно и нежно проплескување, му дава на детето до знаење кој е кој во врската родител-дете – напишал учесник во анкетата.
На прашањето „Дали би поддржале целосна забрана за физичко казнување на децата во Република Македонија?“, одговориле 304 читатели. Од нив, 70,1 отсто би поддржале целосна забрана, додека останатите не.