Облечени во наметки на слугинки, алудирајќи на популарната серија „Приказната на слугинката“, Аргентинките продефилираа низ Буенос Аирес барајќи од државата да го укине законот според кој абортусот се дефинира слично како некогаш во поранешна Југославија: нелегален, освен во случај на силување или во животозагрозувачка ситуација за мајката.
Денес државите од поранешната држава водат сопствени, но многу слични битки.
(
Фото: Getty images)
Македонија – волја на жената
Законските прописи во нашата земја во 2013 година извадија на улица голем број луѓе и поттикнаа жолчна расправа на оваа тема. Пет години подоцна работите се менуваат.
На почетокот од јуни министерот за здравство Венко Филипче изјави дека волјата на жената е на прво место, коментирајќи го новиот нацрт-закон за абортус.
Законот што е сè уште важечки, а беше донесен во 2013 година и покрај протестите и негодувањата на широката јавност, наложува жените да поднесат писмено барање за абортус откако ќе поминат низ процес на советување со лекарот, при што им се покажуваат фотографии на фетус и ултразвук од срцебиењето на плодот.
Сè уште не се знае како ќе биде дефинирана процедурата во новиот закон, а министерот пред медиумите рече дека нацртот е подготвен и дека следен чекор е консултација со стручни лица и со невладини организации.
Босна и Херцеговина – молк
Во БиХ до ден-денес се применува законот наследен од СФРЈ, додека во Република Српска во 2008 година беше донесен закон за условите и процедурите за прекин на бременоста.
И двата закона им даваат право на жените сами да одлучат за прекин на бременоста, а за легална ја сметаат постапката изведена до десеттата недела. Она по што се разликуваат е старосната граница на жената.
Хрватска – живот и(ли) слобода
И на лекарите во Хрватска, како и на нивните колеги во Босна, на располагање им е т.н. „приговор на совеста“, односно правото да одбијат да извршат абортус доколку тоа се противи на нивните морални убедувања.
Во Хрватска, исто така, во сила е законот од времето на СФРЈ.
Србија – со слогани до поголем наталитет
Расправата за македонскиот закон не ја заобиколи ни соседна Србија. Претседателот Вучиќ во март годинава го спомена македонскиот рецепт како нова мерка за популациската политика: „Кога зборуваме за абортусот, нека се лутат сите организации за права на жените и другите луѓе, но процедурата мора да се испочитува. Меѓу другото, на мајката мора да ѝ покажете ултразвук со отчукувањата на срцето на нејзиното бебе, па нека си одлучи сама. А потоа, уште еден разговор пред да донесе одлука... Едноставно, сакаме луѓето да сфатат колку децата ѝ се потребни на нашата Србија“.
Неколку месеци порано митрополитот на СПЦ, Амфилохиј, ги нарече „чедоморки“ и жените што се одлучуваат за абортус и другите што одлучуваат да не раѓаат деца.
Црна Гора – селективен абортус
Иако абортусот е дозволен до десеттата недела од бременоста, прекинот на бременоста поради избор на полот е забранет. Сепак, во 2017 година во Црна Гора се случи акција за подигнување на свеста за селективните абортуси, а во центарот на Подгорица им е подигнат споменик на непосакуваните, неродени девојчиња.
Обединетите нации проценуваат дека на светот му „недостигаат“ 117 милиони девојчиња, што е резултат на практиката во земјите со најголем број селективни абортуси да се избира саканиот пол на детето.
Извор