X
 28.04.2017 Здравје

Овчи сипаници се шират меѓу децата

Овчи сипаници, или варичела забрзано се шират, најчесто меѓу децата. Вирусот е многу заразен, а тие се разболуваат преку меѓусебните контакти, во градинки, игротеки, при дружења...Децата главно лесно ја прележуваат варичелата. Вирусот се смета за поопасен за бебиња, повозрасни, а особено за бремени жени и луѓе со низок имунитет кои не ги прележале овие сипаници.



Како се третираат?

Овчите сипаници ги предизвикува варичела-зостер вирусот.
- Сега е сезона на овие сипаници. Досега, годинава се регистрирани 3.025 случаи на варичела, за 15 отсто повеќе споредено со истиот период минатата година. Зголемувањето на бројот на случаи е очекувано, бидејќи кај варичелата се забележува одредено сезонско појавување - велат од Институт за јавно здравје.

Најголем број на случаи на варичела вообичаено има во периодот од април до јуни.
Болеста обично трае кратко, се карактеризирана со осип, а знае да предизвика треска и слабост. Откако некој ќе биде во контакт со вирусот, се разболува за две до три недели, колку што е неговиот период на инкубација. Лице кое е инфицирано со варичела, може да ја пренесе болеста на друг 1-2 дена пред избивање на исипот и се додека сите везикули (исипот) не формирале крусти (коричка) што обично трае 5-7 дена.

Градинките немаат обврска да ги информираат родителите кога некое дете ќе се разболи, меѓутоа, вели Валентина Божиновска, директорка на „Весели цветови“ во скопската населба Кисела вода, персоналот им кажува на родителите.
- Ние не праќаме официјално соопштение, но вработените кажуваат на родителите за да знаат дека детето може да се разболи, а и да зарази некој друг потоа - вели таа.

Во домашни услови, за исипот од сипаници може да се користат средства за ублажување на чешањето. Заболен од сипаница треба да се одржува редовна хигиена (купки, туширање), а на децата треба да им се скратат ноктите за да се намали ризикот од инфекција на кожата предизвикана од чешање. Доколку болниот има покачена телесна температура треба, по потреба, да се прима не-аспирински лекови за нејзино намалување.

Какви компликации прави вирусот и кога?


- Најчеста компликации при варичела се бактериските суперинфекции на кожата. Иако ретко, може да се случат компликации како пневмонија и енцефалит и тоа да доведе до тешки последици или смрт - објаснуваат од Институтот.
Оттаму велат дека задолжително треба да се побара совет од лекар доколку детето е помало од 1 година, постаро од 12 години, болниот има намален имунитет или станува збор за бремена жена. Лекар мора да се консултира и ако температурата трае повеќе од 4 дена, повисока е од 38,9 степени целзиусови, кој било предел со осип изгледа многу црвен, отечен, болен на допир или има гноен секрет. На лекар треба да се појде и ако болниот има тешкотии со будењето, сонливост, тешкотии во одењето, укочен врат, повраќање, тешко дишење, тешка кашлица, јака болка во стомак...

Компликациите кај бремените жени може да бидат многу сериозни и да завршат фатално, но благодарение на антивирусните лекови и интензивната нега, ова е многу ретко.
Во Македонија не се дава вакцина против варичела.
Подготвил: Н.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје