X
 11.02.2018 Здравје

Експертите се загрижени поради најновата болест технострес

телефон
Фото: Flickr

Новинарката Моја Сарнер од „Гардијан“ го опишува експериментот во кој таа прави различни стратегии за управување со нејзиното сандаче.

Додека ги истражувала ефектите на постојаниот пристап до електронската пошта - територија што доаѓа со поседувањето паметен телефон, Сарнер разговарала со Кери Купер, организациски психолог во Бизнис-школата во Манчестер. „Оваа култура на постојано присуство онлајн ги убива луѓето“, вели Купер.

„Води до загриженост, анксиозност, депресија и лошо физичко здравје. Постои цело поле што сега се нарекува технострес, а доказите покажуваат дека неограничените електронски пораки се штетни за здравјето на луѓето“, додава Купер.

Иако можеби досега не сте биле запознаени со терминот технострес, сигурно сте ги доживеале неговите симптоми. Рон Фридман, психолог и автор на книгата „Најдоброто место за работа“, вели дека постојаната проверка на електронската пошта може да им наштети на продуктивноста и на севкупниот квалитет на животот.

Како Купер, така и Фридман посочува дека работодавците се потенцијалното решение на овој растечки проблем. „Мислам дека менаџерите ќе направат добро ако го искористат ова истражување. Тие можат да започнат со поттикнување на нивните вработени да ги исклучат е-пораките кога треба да се фокусираат на работата, а и самите менаџери треба да го моделираат ова однесување, така што членовите од нивниот тим ќе имаат јасен доказ дека е прифатливо“, вели Фридман.

Некои работодавци веќе им го привлекоа вниманието на медиумите со тоа што ги охрабрија своите вработени да ја исклучуваат е-поштата надвор од работното време.

Компанијата „Порше“ вели дека секоја е-порака испратена помеѓу 19 часот и 6 часот наутро треба да му биде „вратена на испраќачот“, додека во Франција работниците имаат право да се исклучат од технологијата, што значи дека компаниите сега треба да преговараат со вработените за да се согласат кога и како можат да се исклучат.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје