Инфекција на уринарниот тракт (ИУТ) е инфекција која ги опфаќа органите на уринарниот тракт. Кога оваа инфекција ќе ги опфати гениталиите, тогаш велиме дека се работи за инфекции на урогениталниот тракт (ИУГТ). Машкиот фактор придонесува со приближно 50% од случаите поврзани со неплодност кај паровите, при што се проценува дека 12%-35% од овие случаи се припишуваат на инфекции на машкиот генитален тракт. Во зависност од природата на инфекцијата, производството на сперматозоидите од тестисите, транспортот на спермата и функцијата на спермата може да бидат загрозени. Инфекциите на машкиот генитален тракт понекогаш многу потешко се откриваат.
Покрај тоа, тие често остануваат асимптоматски („тивки“), а потоа се пренесуваат на релевантниот сексуален партнер, што доведува до оневозможено оплодување и неуспех на бременоста. Tоа доведува до „болест на потомството”. Со зголемувањето на антибиотската отпорност кон патогените, што е светски проблем, важна е правилната дијагноза и терапија на пациентот. Меѓутоа, ова тестирање треба да ги вклучува не само аеробните микроби, туку и анаеробните бидејќи тие можат да се најдат во речиси сите ејакулати, а околу 71% се потенцијално патогени. Затоа, во случај на какви било индикации за инфекција на машкиот генитален тракт, треба да се направи спермокултура, особено кај пациенти со сомнителен квалитет на спермата. На глобално ниво, годишно се регистрираат 340 милиони нови инфекции со сексуално преносливи патогени. Меѓу најраспространетите патогени ги набројуваме Chlamydia trachomatis, Ureaplasma urealyticum, Neisseria gonorrhoeae и Mycoplasma hominis. Escherichia Coli се смета за најчеста несексуално пренослива бактерија на урогениталниот тракт. Овие патогени предизвикуваат епидидимит, епидидимо-орхит или простатит и придонесуваат за зголемување на концентрациите на семените леукоцити.
При процена на ИУГТ, спермокултурата се смета за важен дијагностички параметар, бидејќи инфекциите и воспаленијата на урогениталниот тракт се една од можните причини за машка неплодност. Спермата се состои од сперматозоиди и течности кои се излачуваат од помошните полови органи. Жлездите и органите кои придонесуваат за формирање на сперматозоиди се сметаат за стерилни. Стерилноста на внатрешната уретра е заштитена од нормалниот проток на урина; сепак, дисталната уретра не се смета за стерилна област. Затоа, одгледувањето на примероците од спермата обично води до раст на микроорганизмите, од кои многу се сметаат како нормална флора на урогениталниот тракт. Студиите сугерираат дека инфекциите на ИУГТ сочинуваат до 15% од случаите на машката неплодност. Контаминацијата на спермата доаѓа од уринарниот тракт на пациентите или преку сексуален пренос од страна на нивниот партнер на патогените како што се Neisseria gonorrhoeae и Chlamydia trachomatis. Присуството на други патогени во концентрации поголеми од 10³ бактерии/ml ејакулат (бактериоспермија) клинички се смета за знак на активна инфекција. Тешко е да се разликуваат активните инфекции на УГТ од вообичаената микрофлора. Инфекциите, било акутни или хронични, може да ја загрозат сперматогенезата како и функцијата на спермата. Видот и сериозноста на инфекцијата може да се идентификуваат со позитивна спермокултура со одредување на количината на единиците кои формираат колонии и одредувањето на чувствителноста кон антибиотиците (антибиограм). Поимите бактериоспермија и инфекција треба да се разликуваат од терминот воспаление бидејќи вториот е одговор на ткивото кон инфекцијата. Кај неплодните мажи, студиите известуваат за преваленца на инфекции помеѓу 11,6% и 45% од случаите, во анамнезата на кои имаме податоци за уретрални нарушувања (дизурични тегоби) кои укажуваат на можна претходна инфекција. Инфекциите на УГТ кај мажите тешко се откриваат бидејќи во повеќето случаи тие се асимптоматски и често остануваат недијагностицирани, само ако пациентот не побара преглед за појавените симптоми и знаци. Сепак, поради зголемениот број пациенти што бараат третман за нарушената плодност со помош на репродукција (интраутерина инсеминација, in vitro оплодување или интрацитоплазматска инјекција на сперма), дијагнозата на „тивките“ инфекции на УГТ треба да го привлече вниманието на фактот дека инфекцијата причинила астенозооспермија.
Кај асимптоматските пациенти, леукоцитите често се појавуваат во ејакулатот, дури и кај плодните мажи. Многубројни студии покажаа дека леукоцитите се моќни произведувачи на кислородните слободни радикали (ROS) и можат да имаат штетни ефекти врз функцијата на спермата и интегритетот на ДНК на спермата. Голем број студии обезбедуваат докази дека бактериоспермијата може да резултира со влошување на сперматогенезата, намалена подвижност на сперматозоидите, изменета реакција на акросомот, променета морфологија, формирање на ROS што доведува до оштетување на ДНК на спермата, формирање антисперматозни антитела и опструкција на УГТ што доведува до воспаление и фиброза. Од друга страна, некои автори истакнуваат дека асимптоматската леукоцитоспермија може да биде индикација за „тивката“ инфекција на гениталниот тракт. Цитокините, исто така, играат императивна улога во имунолошките и воспалителните механизми како одговор на инфекциите на домаќинот. Овие модулаторни фактори дополнително се групирани во пет различни групи меѓу кои интерлеукините (IL) дејствуваат со (а) модулирање на леукоцитите за да произведат инфламаторни одговори и (б) намалувајќи ги воспалителните клетки. Од друга страна, бидејќи повеќето студии се направени на аеробните, а не на анаеробните бактерии, податоците за вторите се оскудни во однос на влијанието на овие патогени кои се откриени во спермата. Ова може да ѝ се припише на тешката состојба при одгледување анаеробни организми.
Класификација на инфекциите на уринарниот и гениталниот тракт
Клинички, инфекциите на УГТ се класифицираат според природата на микроорганизмите и нивните клинички симптоми, кои вклучуваат (1) некомплицирани инфекции на долниот уринарен тракт (ИДУТ), (2) некомплициран пиелонефритис, (3) комплициран ИДУТ со или без пиелонефритис, (4) уросепса, (5) уретрит и (6) простатит, епидидимит или орхит. Се проценува дека повеќе од еден милион сексуално преносливи инфекции се случуваат секој ден во светот, што ги прави овие инфекции главна јавна и социо-економска грижа. До денес, најраспространетите патогени на сексуално преносливите инфекции кај некомплицираните ИДУТ ги вклучуваат C. trachomatis, Ureaplasma urealyticum, N. gonorrhoeae и Mycoplasma hominis, со исклучок на Escherichia coli. Во 65% -80% од случаите, E. coli се смета за најчеста причина за несексуално преносливи инфекции на УГТ, особено кај клиничките ентитети како што се епидидимисот или простатата. Покрај тоа, голем број вирусни инфекции, вклучувајќи ги заушките (паротидот), ХПВ (Хуман папилома вирус), ХСВ (Херпес симплекс вирус) и ХИВ, исто така придонесуваат во зголемувањето на концентрацијата на леукоцитите и оштетувањето на сперматозоидите.
Спермокултурата и Chlamydia trachomatis
C. trachomatis е облигативен патоген со интрацелуларна форма (неинфективна, репродуктивно ретикуларно тело) и екстрацелуларна форма (инфективен, ослободувачки елементарен токсин), кој е одговорен за 30% -40% од случаите на уретрит. Студијата на Стам, исто така, покажа дека C. trachomatis резултира со двете најчести сексуално преносливи инфекции, предизвикувајќи уретрит кај мажите и цервицит на грлото на матката кај жените. Генерално, процените на СЗО покажуваат дека C. trachomatis се смета дека предизвикува 92 милиони инфекции на УГТ годишно, со асимптоматски појави кај 70% -80% од жените и 50% од мажите. C. trachomatis, исто така, е пронајден во Лејдиговите клетки на тестисите, во простатата, па дури и во епидидимисот и семените везикули, што резултира со орхит, простатит, епидидимит и уретрит. Мажите со инфекција со C. trachomatis се трансмитери, односно служат за пренос на инфекцијата додека жените се резервоар на инфекцијата. Истражувањата покажаа дека Chlamydia sp. може да се транспортира со леукоцити во спермата, како што се неутрофилите и макрофагите, кои се позастапени за време на инфекција.
Спермокултура и Ureaplasma urealyticum
Инциденцата на машката неплодност поради инфекција со U. urealitycum е 10-40%. Механизмот со кој U. urealyticum ја оштетува спермата сè уште не е констатиран. Општо земено, во повеќето студии кои покажуваат присуство на овој патоген во спермата, тој е поврзан со намален број сперматозоиди, подвижност и морфологија, повисок вискозитет и пониска pH-вредност.
Спермокултура и Mycoplasma hominis и Mycoplasma genitalium
M. hominis и M. Genitalium, и двете се поврзани со ИУГТ, сочинуваат 10,8% од случаите кај мажите и 5% од случаите кај жените. M. hominis често се поврзува со негонококен уретрит, бактериска вагиноза и фебрилна треска, додека M. genitalium етиолошки е предизвикувачки агенс на негонококен уретрит и некламидијален уретрит и може да резултира со цервицит и ендометрит. Двата вида се способни да ја инхибираат репродукцијата со врзување и продирање во плазма мембраната на човечката сперма, што пак влијае врз плодноста кај мажите, раната бременост и потенцијалното здравје на потомството.
Спермокултура и Nesieria Gonorrhoeae
Во 2008 година СЗО објави дека глобалната инциденца на N. gonorrhoeae била поголема од 106,1 милиони случаи, при што машките пациенти типично прикажувале симптоми на ИУГТ припишани на уретрит, епидидимит и простатит поврзана со мукопурулентна секреција од уретрата. Гонорејата се шири преку сексуален контакт или контакт при раѓање. Грам-боењето на примероците од машката уретра кои покажуваат ПМН леукоцити со интрацелуларен диплокок може да се смета како дијагностички доказ за инфекција со овој Грам-негативен предизвикувачки агенс кај симптоматските мажи.
Спермокултура и Escherichia Coli
E.Coli се аеробна, Грам-негативна бактерија и е најчестата причина за несексуално преносливиот епидидимит, кои придонесува за 65-80% од сите случаи на акутен или хроничен простатит кај мажите. Штетното дејство на овој предизвикувачки агенс врз машката плодност и квалитетот на спермата резултира со подвижноста на спермата и деструктивната реакција на акрозомот. Потенцијалната реакција на оштетувањето на спермата се фокусира во производството на токсини и метаболички производи кои произлегуваат од пролиферацијата на бактериите. Откриени се два механизми кои влијаат на уништување на спермата, односно доведуваат до апоптоза и уништување на митохондријалната мембрана.
Со оглед на тоа што неплодноста е глобален проблем и кој е во пораст, каде што на многу брачни парови им се препорачува асистирана репродукција, дури и во состојби како што е умерената астенозооспермија, темелната андролошка дијагноза е од суштинско значење за да се сведат трошоците на минимум и да се намали психолошкиот стрес на брачните парови. Бидејќи инфекциите на машкиот генитален тракт се поврзани со слабата функција и подвижноста на сперматозоидите и се „тивки“ или асимптоматски, овој преглед треба да вклучи соодветно бактериолошко тестирање на спермата, вклучувајќи ја и отпорноста кон антибиотиците (антибиограм). На овој начин може да се избере соодветна антибиотска терапија. Начинот на третман, индикацијата и одлуката кој од антибиотиците ќе биде употребен кога се работи за машки стерилитет е кај урологот.
Автор: д-р Илбер Адеми, спец. уролог, хирург,
Општа болница - Гостивар