Белгискиот универзитет им се извини на студентките заради пораките во кои им сугерира да носат длабоко деколте на церемонијата на доделување на дипломите.
Пораките преку мејл им се испратени на студентките на медицина на Слободниот универзитет од Брисел, а во пораката пишувало: „Од естетски агол, за млади студентки е подобро да носат фустан или здолниште, и убаво длабоко деколте“, јавува
Би-би Си.
„Се разбира, драги дами, овој совет не е обврзувачки“, пишува натаму во пораката.
На машките им се советува на тој настан во јуни да носат костум.
Без оглед дали обврзува или не, предлогот предизвика гнев на социјалните мрежи. Универзитетот преку „Фејсбук“ и „Твитер“ во име на Медицинскиот факултет, им испрати извинување на сите студентки кои ја примија пораката, соопштувајќи им дека советот бил несоодветен и во спротивност на универзитетските вредности.
Фотографијата со содржината на спорната порака е објавена на „Фејсбук“ страницата предвидена за „исповед“ на студентите од тој универзитет, а стотина студенти пратиле одговор, обвинувајќи го Слободниот универзитет за сексизам, наведува Би-би-си.
Еден од студентите напишал: „Никој нема право да ви каже како би требало да се чувствувате во сопствената кожа. Никој нема право да ви кажува како да се облекувате. Никој нема право да ви кажува како да ја „играте“ вашата улога на жена. Никој нема право да ја одзема онаа слобода која е стекната ( и сè уште се стекнува) со таква тешкотија“.
Најверојатно мејлот го испратила жена, затоа што во секретаријатот на универзитетот немало мажи, изјави деканот на Медицинскиот факултет за белгискиот „РТЛ“. Тој потврди дека не станува збор за подметнување и дека мејлот навистина е испратен и додаде дека исто така бил шокиран кога дознал што се случило.