Озлогласените спамери од Велес, кои заработија доста пари со промовирање на лажните вести за Доналд Трамп - стравуваат дека нивниот профитабилен бизнис може да исчезне, пишува
Балкан инсајд
Фото: Veles.gov.mk
Велес минатата година стана меѓународно познат поради профитабилните онлајн вложувања на некои од најмладите жители, кои ги искористија американските избори во Америка за да заработат пари, промовирајќи лажни или погрешни вести, за поддршка на Доналд Трамп.
„Работата е едноставна. Користиме Фејсбук профили, колку што можеш повеќе да задржиш, за да шириш вести со другите профили на Фејсбук. Потоа, заработуваш пари од сообраќајот што си го создал за рекламите и веб страниците кои си ги промовирал“, вели 22 годишниот Стефан.
Тој вели дека не е поддржувач на Трамп, ниту пак се гледа себеси како спамер или лоша личност. Едноставно, тој ова го работел за пари.
„Ова се прошири толку брзо кога откривме дека другите правеа одлични пари. Користевме сè што ќе пронајдевме во врска со Трамп. Се чини како да беше магичен збор кој ги привлекува сите“, вели тој.
За време на претседателската кампања во Америка, кратко време после победата на Трамп, Стефан вели дека тој заедно со уште некои негови пријатели успевале да заработат и до 1.000 евра месечно.
Не сакајќи да го открие целосниот идентитет, Стефан вели дека внимателно ги одржува двата лажни профили на Фејсбук за да го насочи сообраќајот кон неговата веб страница која моментално е единствениот извор на приход веќе една година. Најмногу што досега успеал е неговата страна да ја лајкнат 500.000 луѓе.
Ова го правел сè до моментот кога Фејсбук ги избришал профилите поради повеќекратно прекршување на условите.
„Знаев дека ќе дојде до ова, и бев подготвен. Ја искористивме таа „сива област“ и знаев дека не може да потрае“, вели Стефан, признавајќи дека знаел дека содржината што ја пласирал била лажна и земена од други страници на интернет.
На 22 јуни „BuzzFeed“ објави дека во изминативе два месеци, Фејсбук избришал повеќе од 30 слични страници на Фејсбук, воглавно водени од Македонија - вести кои ги загрижи издавачите од Велес.
Младите Велешани велат дека најмалку неколку стотици од нив на овој начин заработуваат пари. Сепак, велат дека не се откажуваат.
„Можеби прекршив некои правила во минатото, сите ние прекршивме, но сега се обидуваме да работиме законски“, вели друг.
„Сега видам страница посветена за авто-мото спортот. Внимателно гледам содржината која ја објавувам да не е заштитена“, додава тој.
Вели дека со ваков вид на веб страница, заработувачката е помалку профитабилна, но барем знае што прави.
„Некои сѐ уште работат со лажни вести и Трамп, не знам точно колку, иако мислам дека е готово и набрзо ќе умре. Сепак, тоа беа слатки пари“, вели Стефан.
Многу политички веб страници во
Македонија ги копираат статиите директно од американски веб страници, кои се познати по тоа што произведуваат лажни вести. Извори тврдат дека Кремљ ги поддржувал несаканите практики кои потекнуваат од Македонија, со цел да влијаат врз исходот на американските претседателски избори, иако Стефан е прилично скептичен за целата ситуација.
„Да, секако. Секој ден се слушам со Путин. Го делиме профитот на половина“, на шега вели тој.