X
 10.07.2017 Технологија

Првиот автобус во светот што користи мравја киселина

avtobus
Фото: TeamFast

Напојување на автобус со хемикалија пронајдена кај мравките? Понекогаш вистината е пострашна од научнофантастичните филмови.

Студентите од Технолошкиот универзитет во Ајндховен развиле начин преку кој мравјата киселина може да се искористи за напојување на автобус. Нивниот систем е направен од електричен автобус поврзан со мала приколка каде што мравјата киселина се претвора во електрична енергија.

Системот може да произведе доволно енергија за напојување на обичен автобус. Студентите се од групата FAST, која веќе некое време работи на идејата за одржлив транспорт. Клучната состојка е мравјата киселина што природно се јавува во природата кај копривите и мравките. Но, исто така, комерцијално се произведува за зачувување на сточната храна и за преработката на кожа.

Тимот искористил мешавина од 99% мравја киселина во комбинација со средство за подобрување на перформансите со цел да создаде хидрозин. Оваа хемикалија има 4 пати поголема енергетска густина отколку батеријата, и токму ова се користи за напојување на автобусот. Целиот процес е јаглеродно неутрален бидејќи произведениот СО2 со разделување на хидрозинот се користи за време на процесот на производство на електрична енергија.

Додека тестовите уште траат, научниците се надеваат дека автобусот ќе почне да се употребува кон крајот на годината.

„Го создадовме првиот автобус во светот што работи на мравја киселина, што е многу поевтино решение од водородот, а сепак ги обезбедува истите еколошки придобивки“, вели Лукас ван Капелен, член на тимот.

Изборот за развивање технологија за автобуси, наместо за автомобили, бил намерен.

„Ако создадевме автомобил, ќе се натпреварувавме со електричните автомобили, а ние веруваме дека автомобилите со батерии се одлично решение. Но ако докажеме дека можеме да создадеме автобус кој ги задоволува потребите на автобуските компании, со опсег од околу 400 километри и брзо полнење, ќе го покажеме потенцијалот на хидрозинот во еден сегмент каде што сè уште нема конкуренција“, додава Лукас.

Членовите на тимот FAST се поврзани со универзитетот, а тие создале и компанија за продолжување на истражувањето кое го започнале уште како студенти.

Проектот започнал со моделот наречен „Junior“. Моделот се покажал како способен да се вози на хидрозин. Следната фаза за изградба бил REX, проширувач од 25 киловати, доволно силен за напојување на градски автобус.

Други апликации

Додека тимот го избрал транспортот како почетна метода за примена на технологијата, тој имал и други идеи за користење на хидрозинот, а овие идеи вклучуваат напојување на стаклена градина, со што би се намалил јаглеродот во земјоделството.

Електричните автобуси се веќе доста чести во поголемиот дел од светот, и додека тие придонесуваат за намалување на загадувањето на воздухот во урбаните средини, во зависност од изворот на горивото во регионот, може да не се обновливи како што изгледаат. Компанијата „Тесла“ неодамна ги презеде првите чекори за комплетирање и самостојно напојување на нивните станици за полнење откако компанијата беше обвинета дека не е обновлива, со оглед на тоа што некои од станиците биле напојувани со јаглен.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија