X
 31.07.2017 Живот

Кои санкции досега ги спровела ЕУ и колку се ефикасни?


Илустрација - папагајка


Санкциите, или рестриктивните мерки, како што ги нарекуваат службениците за да не звучат престрого, се главната алатка со која ЕУ ги спроведува своите цели во внатрешната и безбедносната политика. Санкциите би требало да помогнат во ширењето на мирот, демократијата, почитувањето на владеењето на правото и човековите права.

Целта на санкциите е земјите кон кои се воведени да се принудат на политички промени. Тоа значи дека се врши притисок или да се изолираат владите и други групи што ги загрозуваат интересите на ЕУ или ги кршат меѓународните стандарди. „Со едно сеопфатно ембарго за само неколку месеци може да се постигне голем учинок. Меѓутоа, тоа може да доведе и до големи хуманитарни последици и да предизвика отпор во меѓународната јавност“, вели Клара Портела, експерт за безбедносна политика и професор на Колеџот на Европа. Таа додава дека очекувањата од санкциите често се нереални.

„Со санкциите не може преку ноќ да се постигнат промени. ЕУ вообичаено насочено ги применува санкциите на одредени аспекти. Тие сè уште можат да постигнат значаен учинок. Меѓутоа, потребно е време за да дејствуваат“, објаснува таа.

Еве список со земји кон кои ЕУ има спроведено санкции:

1. Иран

Кога станува збор за Иран, фокусот е врз човековите права. ЕУ ги блокира банкарските сметки и им забрани влез во земјите членки на ЕУ на 82 лица и една групација. На Иран исто така му е забранет увозот на апарати што можат да се употребуваат за угнетување на населението или да се врши надзор врз телекомуникациите.

Кога се работи за нуклеарната програма на Иран, меѓународните санкции ја натераа владата во Техеран да седне на преговарачка маса. Санкциите се насочени и кон нафтениот сектор. Тие, на пример, ја ограничуваат можноста Иран да ги осигури своите танкери. Особено важно беше и исклучувањето на Иран од пристап до меѓународниот пазар. Санкциите беа делотворни затоа што во нив не учествуваа само САД и ЕУ, туку и важните ирански трговски партнери: Кина и Русија.

Портела смета дека без санкциите иранската влада можеби и не би седнала на преговарачка маса со меѓународните партнери во врска со својата нуклеарна програма. „Ова е еден пример каде што санкциите беа ефикасни“, вели таа.



2. Русија

Како реакција на руската анексија на Крим и дестабилизацијата на Украина, ЕУ им ги замрзна банкарските сметки на 150 лица и 37 групации. На тие лица и членови на групациите исто така им беше забранет и влезот во ЕУ. Причина: Русија е одговорна за „дејствија што ги поткопуваат интегритетот, самостојноста и независноста на Украина“.

Освен тоа, ЕУ забрани и трговија со оружје со Русија и извоз на стоки кои можат да се употребуваат во воени цели.  Исто така, на Русија ѝ беше забранет пристапот до чувствителни технологии. За да се постигнат што поефикасни санкции, ЕУ во изработката на мерките соработуваше со САД, но изгледа дека сега американскиот претседател Трамп сака да тргне по сопствен пат.

Портела вели дека интересен е фактот дека санкциите против Русија воопштено не се сметаат за успешни. Вистината ќе излезе на виделина откако ќе се разработи целокупната слика на оваа тема.

„Кога ЕУ размислуваше за видот на санкции, целта не беше да се сруши руското стопанство. Тоа во Европа би предизвикало сериозни проблеми. Идејата беше да им се нанесе штета само на одредени подрачја. Окупацијата на Крим и дестабилизацијата на Украина требаше да бидат поскапи“, вели Портела, додавајќи дека при ова мора да се потенцира дека времето е многу важен фактор. „Се очекува руското население самостојно да заклучи дека виновник за нискиот животен стандард е нивната политичка елита, додека другите нации продолжуваат со својот развој.“

3. Сирија

Меѓу санкциите воведени против Сирија се ембаргото за извоз на нафта, ограничување кај одредени инвестиции, замрзнување на банкарските сметки во рамките на ЕУ и ограничување на увозот на апарати и технологии што можат да се употребат за тероризирање на сопствениот народ.

„ЕУ од самиот почеток отиде далеку. За помалку од една година се воведе комплетна палета на санкции. Унијата обично воведува санкции чекор по чекор“, вели таа.

„Меѓутоа, по неколку години се утврди дека мора да се врати неколку чекори наназад. ЕУ во овој случај помина низ процесот на учење: беше јасно дека во еден конфликт не мора веднаш да се започне со ембарго на оружје. Во случајот со Сирија, тоа беше избрзано.“

4. Либија

ЕУ во Либија забрани увоз на определени стоки што можат да се користат за шверц или трговија со луѓе. Портела укажува на тоа дека забраната за извоз на хемикалии во Либија во 80-тите години од минатиот век не беше воведена со цел да се принуди режимот на Гадафи да ја промени својата политика. „Зад тоа се криеше идејата дека на тој начин на Либија ќе ѝ биде отежнато производството на хемиско оружје.“

5. Мерки во рамките на ЕУ

Унгарија во моментов е во непријатна ситуација и теориски би можела да биде казнета поради „сериозното загрозување на владеењето на правото и почитувањето на демократските и основните права“. Санкциите не се веројатни, но би можеле да бидат и предупредување за другите земји членки што не се придржуваат кон одредени правила, каков што е случајот со Полска.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот