(
Фото: Youtube)
Дали би се жртвувале за другите? Колку се сакате себеси? Дали вие самите се сакате? Дали сте расист? Дали сте хомофоб? Дали имате семејство? Дали имате деца? Дали позитивниот или негативниот одговор на овие прашања ве прави подобри или полоши од другите?
Режисерите Арон Хан и Марио Миционе направија ремек-дело на кинематографијата, видно инспирирани од драмата „12 гневни луѓе“ од 1957 година, создавајќи го филмот „Круг“ кој на чуден начин е спој на риалити-програма, игри на среќа, руски рулет, човечка саможивост и егоцентричност.
Во темна соба во круг стојат 50 луѓе од разни профили – млади, стари, деца, бремени жени, луѓе со разни сексуални ориентации и раси. Никој од нив не знае ни како, ни зошто се нашол на тоа место. Во центарот на собата се наоѓа „око“, кое на секои две минути убива по едно лице. Никој не смее да излезе од својот круг, ниту да го допре лицето до себе. Кој ќе се обиде во тоа, ќе биде елиминиран. Откако ќе се смири првичната паника која ќе резултира со убиство на 10 луѓе, другите ќе разберат дека секој од нив може да гласа со помош на својата дланка, така што останатите не можат да го забележат тоа, само за една личност. Оној што ќе добие најмногу гласови, ќе биде убиен, сè додека во просторијата не остане само едно лице – победникот.
Суровата игра почнува со елиминација на најстарите во кругот, а потоа нагонот за преживување ќе принуди поединци молчешкум да се здружат за да ги елиминираат оние што претставуваат најголема закана за нивното преживување. Кога членовите ќе се здружат за да убијат десетгодишно девојче и една бремена жена, работите стануваат особено одвратни.
„Круг“ има и свои недостатоци. Филмот „страда“ од лоша и предраматична глума. Поедини фази често се повторуваат и се развлекуваат, но тие не ја намалуваат неговата моќ да ве држи будни до самиот крај. Иако целото дејство се случува во една соба, непрекинато ќе навивате или ќе мразите некои поединци во филмот. Значи, нешто налик на „Играта со глад“ или најпростачко риалити-шоу. Ќе бидете сведок на најниските човечки пориви и страсти.
Што може да го спаси човекот на вакво место? Пристоен семеен живот и волонтерска работа во Центар за социјална работа? Поодмината бременост? Детска невиност? Живот посветен на Бог? Можеби ништо од сето ова не е доволно.
Едно е сигурно – нема да бидете изненадени, но ќе бидете разочарани, не од филмот – туку од луѓето.