X
 07.06.2019 Живот

Пратениците во оваа земја немаат советници, користат јавен превоз и живеат во мали станови

Политичката кариера може да донесе многу пари. Но, не и во Шведска.

Скандинавскиот пристап кон политиката се карактеризира со скромност - националните претставници навистина си ја работат работата за која се платени.

Наместо дарежливи надоместоци и разни бенефиции, шведските пратеници имаат многу ограничувања кога станува збор за користење пари од даночните обврзници.

„Обични граѓани“

- Ние сме обични граѓани. Нема смисла да имаме привилегии бидејќи нашата задача е да ги застапуваме граѓаните и околностите во кои тие живеат. Може да се каже дека ни е привилегија што ја работиме оваа работа и имаме можност да влијаеме на насоката кон која оди земјата - вели Арне Хакансон, пратеничка од Социјалдемократската партија.

Шведските пратеници имаат право на бесплатен јавен превоз. И за разлика од многу колеги од другите земји, тие немаат службени автомобили и шофери.

Така, на пример, парламентот поседува три автомобили „волво С80“, а овој возен парк го користат само претседателот и тројца потпретседатели за официјални посети.

- Не користиме такси. Возилата не служат за доаѓање на работа или за одење дома - вели пратеникот Рене Поетке.

Единствениот политичар што постојано има автомобил на располагање е премиерот.

Плата

Шведските пратеници заработуваат околу 6.900 долари месечно, што е речиси половина од 14.000 долари колку што добиваат американските конгресмени.

Просечната месечна плата во Шведска е околу 2.800 долари.

Пратениците што се од изборни единици надвор од Стокхолм имаат право на надоместок што се нарекува „трактамент“ - дневници за деновите кога работат во главниот град и тоа околу 12 долари дневно, со кои во Стокхолм не можете да купите ништо освен оскуден оброк.

До 1957 година шведските парламентарци немале ни плата, туку добивале парична помош од партиите каде што биле членови. Документите покажуваат дека платата била воведена за да се осигури дека сите граѓани ќе можат да влезат во политиката. Но, не сакале платите да бидат многу примамливи.

Како и многумина од нивните колеги низ светот, претставниците на народот во Шведска имаат право на субвенционирано домување, но само ако не се од Стокхолм. Тешко може да се каже дека нивното сместување е луксузно.

На пример, Арне Хакансон живее во стан од 46 квадрати. Некои државни станови се со површина од 16 квадрати. Често немаат машина за перење алишта или машина за садови, а становите се опремени со кревети за едно лице. Нивните сопружници или членовите на семејството мора да платат, дури и ако сакаат само да ја поминат ноќта во становите.

Ограничена кирија


Ако пратениците сакаат да живеат со своите сопружници, тие мора да ја платат другата половина од киријата. Тие можат да изберат да живеат на друго место, користејќи ја киријата од парламентот. Сепак, киријата е ограничена на околу 820 долари месечно, што е релативно малку во споредба со цените на недвижностите во центарот на Стокхолм.

Немаат помошници или советници

На шведските пратеници им е забрането да ангажираат помошници или советници. Наместо тоа, партиите што се во парламентот добиваат одредени износи и со нив ги плаќаат вработените што им служат на сите партии во собранието.

Неплатена работа

Во локалната политика во Шведска скромноста е уште поизразена. Претставниците во општините и градовите сметаат дека ова е паралелна активност, што се прави покрај нивната работа.

Околу 94 отсто од локалните пратеници работат неплатено - исклучок се функционерите што работат во извршни тела и за тоа примаат плата, иако некои од нив земаат надоместок како за половина работно време.

- Тоа е доброволна работа што можете да ја извршувате во текот на слободното време - вели Кристина Елфорс Сјодин, градска советничка во Стокхолм.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот