Една софтверска компанија има поинаков пристап кон вработените во споредба со сите други фирми. Аргентинската компанија „10 пајнс“ се обидува да биде транспарентна и демократска, па затоа им дозволува на вработените меѓусебно да си ги одредуваат платите.
За платите се дискутира трипати годишно на состаноци на кои учествуваат сите вработени, освен оние што сè уште се на пробен период. Вработените лица или нивните ментори може да предложат зголемување на платата, за што се дебатира отворено помеѓу вработените.
Компанијата била основана во 2010 година и во моментов има 85 вработени лица. Меѓу нејзините клиенти се и „Старбакс“ и „Бургер кинг“. Секоја година 50% од добивката на компанијата ги делат вработените. Во компанијата нема главен извршен директор или менаџери на тимови, иако има поискусни вработени кои се партнери.
- Бидејќи нема раководители за да одлучат за зголемувањата, целата моќ им ја оставаме на луѓето - изјавил Жорж Силва, еден од основачите на компанијата.
Новите вработени лица во компанијата може да преговараат за својата плата до одредено ниво, а за сумата што ќе ја предложат пред да бидат вработени се дискутира со други вработени што имаат слично работно искуство.
Компанијата го нарекува својот пристап „социократија“, а бил инспириран од бразилскиот бизнисмен Рикардо Семлер, кој ја претворил семејната компанија „Семко“ во заедница во која вработените решаваат за проблеми кои најчесто им се доделени на менаџерите. Неговиот пристап резултирал во зголемување на приходите на фирмата.
Во меѓувреме, од „10 пајнс“ планираат да отворат втора канцеларија доколку фирмата продолжи да расте, а ќе биде задржан истиот систем на одредување плати.
- Клучната работа е да се разбере дека има разлика помеѓу еднаквоста и праведноста. Не сме сите еднакви, но се обидуваме да бидеме праведни. Не сакаме да бидеме како класичните компании што се обидуваат да ги контролираат вработените и ги третираат како деца - вели Силва.
Автор: Дугал Шо
Извор: bbc.com