X
 29.08.2017 Технологија

Се подобруваат техниките за предвидување на ураганите

Во 2012 година ураганот „Сенди“ поминуваше низ источниот брег на САД кога одненадеж се упати кон запад и остави катаклизмични последици во Њу Џерси.


Во 2017 беше предвидено дека ураганот „Харви“ ќе се појави во Тексас, но експертите не можеа да предвидат што ќе се случи потоа. Со оглед на сериозноста на овие појави и смртоносните последици што ги оставаат зад себе, зошто уште не можеме да знаеме повеќе за однесувањето на ураганите? Можеби затоа што е многу тешко да се предвиди што ќе се случува во природата, но новата технологија сега е од голема помош.

Научниците имаа два начина на кои ја мереа јачината на ураганите: анализа на брзината на ветрот со авион и споредба на сателитски слики од урагани со оние од слични урагани од минатото. За да се предвиди што следно ќе се случи во бурата, научниците користат статистички модели кои се засноваат на шеми од минати бури, со надеж дека ќе се случи слично сценарио. Со таа целокупна технологија, тие успеваат да креираат временска прогноза за следните три дена.

Но, откако во САД се случи ураганот „Ендру“, научниците сфатиле дека за да се спасат животи, потребни се уште поголеми мерки и справување. Националниот метеоролошки сервис откри нови компјутерски модели, кои се засноваат на суперкомпјутери и динамички пристап кој предвидува работи, врз основа на податоци од минати бури. Со нив може да се предвиди што ќе се случува во наредните пет дена, наместо три. Со тоа се надеваат дека ќе може да се предвидат ураганите порано, за луѓето да имаат повеќе време да се подготват. Исто така, моделите предвидуваат и појава на дожд и бура на загрозените места, кои се прикажуваат преку мапи, а се потенцира и локацијата на која е најверојатно дека ќе дојде до поплавување.

Сепак, и со овие нови методи ураганите можат да бидат навистина непредвидлива природна појава. Можат да го сменат правецот на движење за кратко време. Но, научниците имаат оптимистички размислувања. Велат дека и понатаму ќе работаат на подобрување на методите за предвидување и справување со ураганите.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија