Фото: Thinkstock
Од 40 милиони корисници на виртуелната тастатура „Алтајп“ на „Андроид и „Ајос“ платформите, дури 31 милион кориснички податоци протекле од серверите на компанијата.
Уште поневеројатно звучи тоа што Ејтан Фитуси, ко-основач на „Алтајп“, на серверот ги држи наведените кориснички податоци во текстуална форма, без никаква заштита.
Така на хакерите им станаа достапни вкупно 577 гигабајти кориснички податоци, иако не е објавено колку од нив биле украдени и преземени од серверот на компанијата.
Името и презимето, мејл адресите и локациите се само некои од податоците што биле „поврзани“ со секоја корисничка сметка. Во многу полиња се наоѓале и значително подетални инофрмации, како IMEI уреди со кои се пристапувало до тастатурата „Алтајп“, IP адресите на корисниците, податоци за нивните сметки на „Гугл“ услугите, телефонските броеви на сите нивни контакти, датумот на раѓање, полот...
Иако компанијата „Алтајп“ од самиот почеток тврдела дека апликацијата не собира никакви податоци за корисниците, излегло дека тоа воопшто не е вистина, бидејќи во една од базите се пронајдени 8.6 милиони податоци внесени од „Алтајп“.
Станува збор за броеви на телефони, лозинки, мејл адреси, интернет адреси... Тука е и базата од 10.7 милиони мејл адреси, како и една во која се складирани дури 374.6 милиони телефонски броеви.
Откако информацијата беше објавена од медиумите, „Алтајп“ соопшти дека дополнително ги заштитила податоците на корисниците. Наводно станува збор за бази што ги содржат податоците на „Андроид“ корисниците, додека оние на „Ајос“ платформата се безбедни.
Сепак, на сите им се препорачува веднаш да ги променат своите лозинки на сите уреди на кои ја користеле оваа
виртуелна тастатура.