X
 18.09.2017 Образование

Прв академски час на рекорден број бруцоши на ФИНКИ

Годинава имаме рекорден број - 800 студенти генерално во сите студиски програми. Секоја студиска програма има своја специфика, а сите имаат заедничко јадро што ги прави сите студенти на свој начин добро запознаени со општите принципи на информатиката, а специјализирани во поконкретни области. Заради големиот број на студенти, скоро сите програми се еднакво пополнети, вели деканот, проф. д-р Иван Чорбев



Околу 800 бруцоши на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство денеска во скопското кино „Милениум“ присуствуваа на првиот академски час. Добредојде им посака ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски кој им пораша дека тие се суштината на оваа институција.

- Секоја година на овој ден УКИМ се зајакнува – рече тој.

Сите нови студенти застанаа простум кога одекна македонската химна која ја исполни хорот „Драган Шуплевски“ при Факултетот за музичка уметност од Скопје, предводен од диригентот Сашо Татарчевски.

Деканот на ФИНКИ, Иван Чорбев за Факултети.мк изјави дека факултетот на бруцошите и годинава ќе им понуди најдобар квалитет за студии од областа на информатиката и компјутерското инженерство.

- Бруцошите ќе студираат на шест студиски програми кои веќе неколку години се етаблирани и успешно функционираат. Дипломците од тие студиски програми успешно се снаоѓаат во професионалниот живот. Програмите во континуитет еволуираат според своите содржини заради брзата и динамична еволуција на информатиката како научна и едукативна област. Ќе им понудиме реновирани лаборатории, добри услови за работа. Од нив единствено очекуваме максимална посветеност, да ги искористат капацитетите кои ги нуди ФИНКИ за да ги совладаат предизвиците – вели Чорбев.

Според него, гоемата заинтересираност на студентите за овој факултет се должи пред сè  на големата љубов и ентузијазам со кој вработените пристапуваат во работата.
- Ние долго време беве членови на двата најголеми института за информатика на два факултета на УКИМ и пред седум години се споивме во овој нов факултет. Сакавме да покажеме дека факултетите можат да бидат многу поблиски до студентите, подинамични, подиректни во соработката. Можат да го следат духот на информатиката од секаде во светот. Им нудиме динамична и пријатна работна средина, директна колегијална комуникација меѓу вработените и студентите. Не треба да се заборави дека информатиката е една брзорастечка и компулсивна област која зема замав насекаде низ светот и најчесто е главен двигател на економските текови и во некои држави во светот и кај нас. Годинава имаме рекорден број - 800 студенти генерално во сите студиски програми. Секоја студиска програма има своја специфика, а сите имаат заедничко јадро што ги прави сите студенти на свој начин добро запознаени со општите принципи на информатиката, а специјализирани во поконкретни области. Заради големиот број на студенти, скоро сите програми се еднакво пополнети – вели Чобев.

На прашањето колку нивниот кадар е баран на светскиот пазар на трудот, Чорбев одговара:
- ФИНКИ произведува кадар које  на исто рамниште со колегите од другите европски и светски универзитети. Не само на пазарот на трудот во светот, туку и на магистерските и докториски студии на сите светски универзитети. Ние се обидуваме да обезбедиме една средина и во Македонија каде ќе може да работат, создаваат свои фирми, продукти и идеи од една страна, а од друга страна им овозможуваме преку наши контакти да продолжат на студии на кои било светски универзитети. Честопати заради нови предизвици, тие избираат да работат за некоја странска компанија во светот. Што и да одлучат, мислам дека ги подготвуваме соодветно. Наши дипломци денес работат или студираат на најпрестижните светски универзитети, работат во успешни компании како Гугл, Мајкрософт, Амазон, Оракл. Имаме колеги насекаде – вели Чорбев.

ГАЛЕРИЈА

Весна Ивановска-Илиевска
vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование