Фото: Reuters
Последната жестока реторика меѓу Америка и Северна Кореја создаде нов вид закана. Во вторникот, во говорот во ОН, Трамп изјави дека неговата влада „целосно ќе ја уништи Северна Кореја“ доколку треба да се одбрани Америка или нејзините сојузници.
Во петокот Ким Јонг-ун одговори велејќи дека Северна Кореја сериозно размислува за реализирање на највисокото ниво на противмерка во историјата. Лидерот на Северна Кореја не ја образложи природата на оваа контрамерка, но неговиот министер навести: Северна Кореја би можела да тестира хидрогенска бомба во Тихиот Океан.
„Тоа би можела да биде најмоќната детонација на хидрогенска бомба во Пацификот. Немаме идеја за тоа какви дејства би можеле да бидат преземени“, изјави министерот за надворешни работи, Ри Јон-хо.
Северна Кореја досега спроведе неколку нуклеарни тестови во подземни комори и балистички ракетни тестови на небото. Спроведувањето на тест со хидрогенска бомба во океанот може да значи ставање нуклеарна боева глава на врвот на балистичките проектили и нивно лансирање кон морето. Ако Северна Кореја го направи тоа, овој тест ќе биде првата детонација на нуклеарно оружје во атмосферата во 40 години. Освен геополитички последици, ќе има и огромно влијание врз животната средина.
Хидрогенските бомби се многу помоќни од атомските бомби, способни за производство на многу поголема експлозивна енергија. Ако хидрогенска бомба го погоди Тихиот Океан, таа ќе активира заслепувачки блиц и ќе создаде облак-печурка. Ефектите што веднаш ќе се почувствуваат најмногу зависат од висината на детонацијата над водата. Првичната експлозија би можела да го уништи животот онаму каде што ќе удри. Кога Америка во 1945 година фрли атомска бомба врз Хирошима, целото население во радиус од 500 метри загина.
Експлозијата ќе испрати радиоактивни честички што ќе летаат низ воздухот и водата. Ветерот може да ги однесе опасните честички стотици километри подалеку.
Чадот од местото на експлозијата би можел да ја блокира сончевата светлина и да им пречи на сите форми на живот во морето што зависат од фотосинтеза за да преживеат. Изложеноста на зрачење може да предизвика сериозни здравствени проблеми за морскиот свет во близина. Познато е дека радиоактивноста ги оштетува клетките кај луѓето, животните и растенијата, предизвикувајќи промени во нивните гени. Промените може да доведат до оштетувачки мутации кај идните генерации. Јајцата и ларвите на морските организми се особено чувствителни на зрачење, велат експертите. Зафатените животни може да ја пренесат изложеноста во синџирот на исхрана.
Тестот би имал штетни и долготрајни ефекти врз луѓето и врз животните ако радиоактивните последици стигнат до земјата. Честичките можат да ги загадат воздухот, почвата и водата. Повеќе од 60 години откако Америка тестирала серија атомски бомби во близина на Бикини Атол, близу Маршалските Острови, островот останува непогоден за живот, според извештајот на „Гардијан“ од 2014 година. Жителите се преселиле пред да биде направено тестирање. Тестирањето спроведено во 70-тите откри високи нивоа на радијација во храната што се одгледувала во близина на местото за нуклеарно тестирање, така што жителите биле принудени да заминат повторно.
Повеќе од 2.000 нуклеарни тестови - од различни нации, во подземни комори, над земја и под вода - биле спроведени помеѓу 1945 и 1996 година, според Организацијата за сеопфатна нуклеарна контрола, која била создадена кога стапил во сила договорот од 1996 година за забрана на сите нуклеарни тестови. Во Тихиот Океан, во 1962 година, Америка тестирала проектили со нуклеарно оружје, какви што опиша севернокорејскиот министер за надворешни работи. Последниот подземен тест од која било нуклеарна сила бил спроведен во Кина во 1980 година.
Само оваа година Северна Кореја спроведе 19 балистички ракетни тестови и еден нуклеарен тест, според базата на податоци од Иницијативата за нуклеарна закана. Претходно овој месец Северна Кореја соопшти дека е спроведен успешен подземен тест за хидрогенска бомба. Настанот создаде вештачки земјотрес близу местото на тестирање, кој беше регистриран од страна на станиците за сеизмичка активност низ целиот свет. Геолошкото истражување од Америка соопшти дека земјотресот имал магнитуда од 6,3. Една недела подоцна ОН усвоија резолуција изготвена од Америка што ќе наметне нови санкции за Северна Кореја поради нејзините нуклеарни провокации.
Споменувањето на Пјонгјанг за потенцијален тест за
хидрогенска бомба во Тихиот Океан најверојатно ќе ги зголеми политичките тензии и ќе придонесе за постојано растечката дебата за вистинските способности на нејзината програма за нуклеарно оружје.