X
 09.10.2017 Култура

Потфрлија во кината, а сепак станаа филмски класици


„Искупувањето во Шошанк“
(Фото: Youtube Screenshot)


„Истребувач“ (Blade runner) беше големо промашување во кината


Кога првпат се појавил во кината во 1982 година, овој филм бил прилично неразбран од страна на критичарите и од публиката. Инаку, сценариото е адаптација на научнофантастичниот роман од Филип Дик, „Дали андроидите сонуваат електрични овци?“ Специјалните ефекти биле пред своето време, а импресивниот визуелен идентитет на филмот послужил како пример за многу идни научнофантастични филмови за тоа како би требало да изгледа иднината. Сепак, филмот пропаднал на киноблагајните и успеал да заработи 33,8 милиони долари, дури 5,8 милиони повеќе од буџетот што бил вложен во снимањето. Се чини дека вистинската вредност на филмот ја откриле гледачите пред своите домашни телевизори. 




„Бегство од Шошенк“ (Shawshаnk redemption, 1994)


Покрај позитивните оцени од страна на критичарите и дури седумте номинации за „Оскар“, ова дело настанато според романот на Стивен Кинг не успеало да ја привлече публиката. Во неговата реализација биле вложени 25 милиони долари, а таа цифра одвај успеал да ја врати со заработувачката низ американските кина. Година дена по премиерата, „Ворнер брос“ го пуштил филмот низ видеотеките и уште во првата година станал еден од најзајмуваните филмови во Америка. Од 2.655 местото според заработка, „Бегство од Шошенк“ прераснал во еден од најценетите филмови кога било, а во моментов го зазема првото место на најдобро оценети филмови на листата со врвни 250 филма во базата ИМДБ.




„Борaчки клуб“ (Fight club, 1999)

Очигледно е дека продуцентската куќа не знаела како најдобро да го промовира овој филм за консумеризмот и необичната рационализација на насилството, штом при вложени 63 милиони долари, „Борачки клуб“ заработил мизерни 37 милиони во Америка, а нешто повеќе од 100 милиони низ светските кина. Првичните критики биле прилично лоши, но тогаш на сцена стапила Роузи О’Донел, на која толку не ѝ се допаднал филмот, што во своето ток-шоу до детаљ го открила крајот и целата поента пред нејзината публика. Филмот го спасиле видеотеките и продажбата на ДВД.




„Големиот Лебовски“ (The Big Lebowski, 1998)

Мал број филмови што пропаднаа на благајните низ кината можат да се пофалат дека имаат годишен фестивал на фанови, но и дека установиле сопствена религија. „Големиот Лебовски“ по вложените 15 милиони долари заработил само два милиона повеќе низ кината. Сепак, преку усна препорака и преку форумите на интернет се создала база на фанови што го направила Лебовски еден од најголемите класици на модерниот филм. Ликот на Џеф Бриџис станал една од иконите на поп-културата за која се пишуваат книги и факултетски трудови.




„Деца на човештвото“ (Children of men, 2006)


Пред да ја воодушеви публиката со својот импресивен научнофантастичен филм „Гравитација“ (Gravity, 2013), мексиканскиот режисер Алфонсо Куарон со неговиот дистописки приказ на иднината во која човечкиот вид веќе нема способност за размножување ја оставил публиката прилично рамнодушна. Филмот не успеал да заработи ни половина од влогот за негова реализација во кината низ Америка. Но, и покрај тоа, овој филм стана класика од жанрот НФ и еден од најимпресивните прикази на дистописката иднина претставени на филмското платно.




„На работ на времето“ (The edge of tomorrow, 2014)

Со заработка од околу 370 милиони долари, овој филм и не беше комплетно промашување на благајните низ кината. Но, со оглед на влогот од 178 милиони и филмските ѕвезди Том Круз и Емили Блант, во „Ворнер брос“ се надевале на поголем успех и го сметале за промашување. Сепак, со текот на времето филмот собрал импресивна база на фанови кои направиле своевиден преседан во филмскиот свет со тоа што практично го наговориле режисерот Даг Лиман да сними продолжение.




„Параноја во Лас Вегас“ (Fear and loathing in Las Vegas, 1998)


Мрачната сатира што Тери Гилијам ја сними според истоименото дело на Хантер Томас ги прераскажува згодите на новинар и на адвокат кои одат во Лас Вегас. На почетокот нивното патување се чини дека е деловно, но прераснува во психоделична авантура поттикната од халуциногени дроги. Филмот предизвикал многу контроверзии и негативни оцени од критичарите, што покрај вложените 18,5 милиони долари заработил, сè на сè, 13,7 милиони во кината. Сепак, со ДВД-изданијата со специјални додатоци се појавил и нов интерес за „Параноја во Лас Вегас“.




„Волшебникот од Оз“ (The wizard of Oz, 1939)

Со овој филм израснале неколку генерации и се смета за еден од најубавите детски филмови на сите времиња. Оттука, на многумина им е чудно што еден од првите филмови во боја пропаднал на киноблагајните. Заработил три милиони долари, а во неговата реализација биле вложени 2,8 милиона, што во тоа време било огромна цифра. Но, „Волшебникот од Оз“ собрал многу позитивни коментари од критичарите, што било поттик за реиздание на неговата десетгодишнина. Потоа се случила вртоглава популарност што резултирала со голема заработка.




„Граѓанинот Кејн“ (Citizen Kane, 1941)

Филмот кој многумина го сметаат за најдобар на сите времиња своевремено пропаднал низ кината, и покрај позитивните критики. Една од големите пречки за гледаноста на „Граѓанинот Кејн“ бил медиумскиот тајкун Вилијам Рандолф Херст, кој мислел дека филмот се базира на неговиот живот, а тоа не му се допаднало. Поради тоа, наредил во сите негови весници и радиостаници да не се споменуваат насловот на филмот и името Орсон Велс. Како директен резултат на тоа, мал број кина се одлучиле да го прикажат „Граѓанинот Кејн“, поради што филмот заработил 1,6 милион долари на вложените 870 илјади. Популарноста му пораснала дури кога почнал да се емитува на телевизија, а најголемата заслуга му припаднала на критичарот Ендру Сарис, нарекувајќи го „филм кој има најголемо влијание врз развојот на американската кинематографија од раѓањето на нацијата“.   



    
Подготвил: Б.Б

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура