X
 30.09.2018 Образование

Донаторска вечер во Шведска: Додека македонските институции бараат решение, иселениците собраа пари за идната Олимпијада по физика

Тие се пример за младите и за сите луѓе во Македонија, а и за младите овде во Шведска. Особено плени таа комбинација на интелигенција, трудољубивост и скромност. Сакавме да им дадеме поддршка, почит, потврда на нивниот труд, на нив самите како личности, вели Љиљана Кочоска-Мараш, еден од иницијаторите на добротворната вечер


Додека институциите со години системски го решаваат финансирањето на научните олимпијади на кои талентирани средношколци ја претставуваат Република Македонија, нашите иселеници во Шведска организираа донаторска вечер и собраа пари за Олимпијадата по физика, која во 2019 година ќе се одржи во Тел Авив, Израел. Македонските иселеници и филантропи беа домаќини на младиот физичар Александар Иванов од Свети Николе, кој досега освои три бронзени медали на Меѓународната олимпијада по физика, и на неговиот ментор, д-р Боце Митревски, претседател на Друштвото на физичарите на Република Македонија и доцент на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Повеќе од 70 донатори на нашиот тим му го олеснија учеството на Олимпијадата, идната година.

Дел од учесниците на донаторската вечер

Љиљана Кочоска-Мараш е еден од иницијаторите на доблесната акција. Таа објаснува дека идејата се родила уште пред неколку години кога во македонските медиуми прочитала дека гимназијалци постигнале одличен резултат на меѓународен натпревар во Кејп Таун.
- Се обидов да стапам во контакт со нив, но не успеав. Годинава двајца членови на Форумот за Демократска Македонија (хоризонтална организација на иселеници по потекло од Македонија), Сотир Стојчевски и Артун Усеин, кои живеaт во Австралија, иницираа фонд за поддршка за младите талентирани ученици да можат да одат на Олимпијадата што се одржа во јули. Преку Сотир и Артун дознавме за успесите на нашите средношколци и нивните професори по математика и физика. Дознавме дека тие и порано учествувале и освојувале медали и покрај тоа што, поради ограничените ресурси, не можеле да присуствуваат во полн состав – ја почнува приказната Кочоска-Мараш.

Пример за младите во Македонија, но и во Шведска

Целта не била само да се соберат средства. Најважно им е да ги стават во фокусот трудот и знаењето, упорноста на младите луѓе и нивните професори.

Младиот физичар Александар Иванов, Љиљана Кочоска-Мараш и менторот Боџе Митревски

- Тие во тешки економски и политички услови не се предаваат, туку се фокусирани да постигнат успеси во она што е важно за едно општество. Тие се пример за сите во Македонија, а и за младите овде, во Шведска. Особено плени таа комбинација на интелигенција, трудољубивост и скромност. Сакавме да им дадеме поддршка, почит, потврда на нивниот труд, на нив како личности – вели Кочоска-Мараш.
На добротворната вечер била претставена и македонската култура. Рецитал одржале Хајди Елзесер, наша пијанистка која живее и работи во Германија, и виолинистката Пламенка Трајковска од Македонска филхармонија. На вечерата во свечената сала во Лекарската комора биле вкупно 63 гости од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Шведска, САД, Турција, Унгарија.
- Имавме голема поддршка од членките на клубот „Инер вил“ од Битола, кои дојдоа и донираа предмети за лотарија, а тука беше и нашиот домашен пријател, увозникот на македонски вина, Тони Чаковски. За да ги намалиме трошоците, гостите престојуваа кај мене и во домот на брат ми, Миле Кочоски – вели Кочоска-Мараш.
Меѓу донаторите биле претставници од здружението „Свети Јован“, IPS Sweden, Rotary Stockholm, Rotary Djоursholm и професорката по физика Хелена Устал од гимназијата во Дјурсхолм. Средствата ги собрале од лични донации, од лотарија и дел од цената за вечерата. Сите донатори плаќале влезница.

Целта е постигната, пораките се пренесени

Кочоска-Мараш вели дека ги постигнале основните цели - фокус на учениците и образованието, признание на трудот и постигнувањата на Александар Иванов и на тимот на професорот Боце Митревски. Нашите олимпијци ги поврзале со гимназијата во Дјурсхолм, со професорите по физика, за соработка, размена на знаења и реципроцитетни посети, ја претставиле нашата култура од областа на музиката и ги поврзале „Инер Вил“ од Битола со „Ротари“ од Стокхолм.
- Со оглед на позитивните реакции на гостите, ќе продолжиме да организираме донаторски акции и во иднина, со повеќе учесници. Средствата што ги собравме се наменски - за идната Олимпијада 2019 – вели Кочоска-Мараш.

Вредни, фокусирани, упорни, скромни, благородни

Друштвото на физичарите на Република Македонија го организира нашето учество на меѓународните олимпијади по физика. Секоја година мака мачат со обезбедувањето буџет за да платат котизација за учество, авиобилети за учениците и за нивните ментори. Годинава, откако нашите иселеници донираа за тимот преку интернет и го обезбедија потребниот буџет за Олимпијадата во Лисабон, Друштвото на физичари дел од останатите пари им ги донирало на колегите од Босна и Херцеговина, кои исто така имале финансиски проблеми. Таа благородност и широкоградост ги трогнала нашите иселеници.

Младиот Александар Иванов ги одушевил присутните со својата скромност

- Тоа се ученици на Република Македонија, тие се иднината на земјата. Tакви луѓе, од сите области, не само од науката, ѝ се потребни на секоја земја за да напредува. Вредни, фокусирани, упорни, скромни, благородни. Сакаме да порачаме дека државата мора да има стратегија како да обезбеди квалитетно образование, да ги препознае талентираните што отскокнуваат од просекот и да им обезбеди на тие деца понатаму да се усовршуваат. Да не го изгубат благородното во себе, да го споделуваат знаењето и да бидат горди на тоа што го постигнале. Како што нивните родители треба да се гордеат што воспитале такви деца, а професорите да бидат горди на својот труд. Мора да има анализа и стратегија во образованието, одвоени средства/буџет за опремување лаборатории, за учество на конгреси, натпревари и слично. За да нема потреба од добротворни настани да се обезбедуваат учество на натпревари,  авиобилети – вели Кочоска-Мараш.

Менторот Митрески вели дека тој на донаторите им го претставил Друштвото, неговите активности, планови, можности и потреби. Вели дека Александар Иванов, доскорашен ученик во приватното училиште „Јахја Кемал“ во скопската населба Бутел, ги одушевил присутните со својата скромност и едноставност во комуникацијата.

Боце Митревски (десно): Треба да ги препознаеме и да ги насочиме талентираните ученици

- Таленти се раѓаат насекаде. Но, тоа се само деца кои манифестираат одредени способности. Тие тргнуваат во градинка и училиште и се препуштаат на општеството. Талентираните ученици треба да бидат препознаени, да бидат следени, насочувани и поддржувани. Треба некој да ги води и храбри. Александар е само еден пример од повеќето што поминале низ активностите на Друштвото на физичарите – вели доц. Митрески.

Тој вели дека донаторската вечер на нашинците во Стокхолм треба да пренесе поголема порака - да ги поттикне и нашите институции, компании, нашите граѓани во Македонија да ги препознаат вистински вредности, да ги разберат, да ги помогнат и поддржат нашите таленти.

Шведска ги поддржува сите ученици

Тој вели дека во последните две години има придвижувања на ова поле, особено преку активностите на Агенцијата за млади и спорт и на Фондот за иновации и технолошки развој.
- И ние и претставниците на повеќе слични здруженија што учествуваат на меѓународни натпревари сметаме дека проблемот со финансирање талентирани ученици треба да се реши во системот, со вметнување одредби во соодветните закони. Поддршката на младите таленти како инвестиција ќе се врати многукратно. Ќе поттикне повисоки стандарди на постигнувања кај учениците, континуитет во професионалниот развој на наставниците, поквалитетно образование, поголема популација на идни научници. Овие промени на среден рок ќе дадат значајни резултати - мотивирани наставници, стручни лекари, инженери по мерка на иднината, совесни и разумни граѓани – дециден е Митревски.

Шведска ги стимулира своите ученици

На прашањето како Шведска се грижи за своите таленти, Кочоска-Мараш вели:
- Не сум упатена во детали, но земјата ги стимулира сите деца, секако, и талентираните. Школувањето е бесплатно од основно образование, вклучувајќи го и факултетот. Не е бесплатно, но ние го плаќаме од нашиот данок. Средствата одат за училиштата, за сите деца да имаат можност да се школуваат, без оглед на економската можност на родителите. Постојат одвоени средства за натпревари, за наука. Општината одлучува колку. А има и стипендии од државата или од фондови за научни проекти на кои децата се пријавуваат.

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование