X
 25.10.2017 Култура

Односот меѓу половите во античка Грција


Приказ од Антчка Грција


Периодот од 8 век пред нашата ера, па сè до 146 година пр.н.е., кога Грција била освоена од страна на Римската Република, во историјата е познат како период на античка Грција, која често се нарекува и стара или древна Грција. Оваа доба претставува темел на западноевропската цивилизација каква што денес ја познаваме.

Но, и колку да се воодушевуваме на народот кој ни подарил толку многу научници, филозофи, политичари и книжевници, не можеме да не го споменеме и нивниот однос кон разликата меѓу половите: имено, жените во стара Грција биле во инфериорна положба во однос на мажите, немале политички права и не биле сметани за граѓанки на полисите.

Воопшто, Грците сметале дека местото на жената по својата природа треба да е зад мажот, но тоа варирало од полис до полис – што најдобро може да се забележи според разликите меѓу Атина и Спарта.

Атињанките немале право на глас, ниту право да учествуваат во јавниот живот. Биле сметани за дел од домаќинството, на чие чело стоел маж, кој господарел со него. Улогата на „господар“ сè до нивното стапување во брак ја имал таткото, а по свадбата – нивниот сопруг. Тие имале ограничено право да поседуваат имот, и токму поради тоа и немале полно право да бидат полноправни граѓанки на полисот, затоа што граѓанските и политичките права, како и државјанството, биле остварувани врз база на поседување имот.

Од друга страна, спартанките се наоѓале во подобра положба. Нивната главна улога била да го продолжат потомството и поради тоа биле вонредно почитувани. Имено, спартанките биле мајки на воините, сегашни и идни, а за да родат здрави и силни деца, и самите требало да бидат витални. Иако немале право да учествуваат во јавниот живот, имале право на образование, исто како и мажите.

И додека спартанците војувале, нивните жени се грижеле за домаќинствата. Поради честите војни, во Спарта живееле голем број вдовици кои по статус биле еднакви со мажите и имале полно право на наследување. Тоа довело во време на Клеомен и Агис, спартански кралеви, жените да поседуваат поголем имот во споредба со мажите.

Постојат записи кои тврдат дека положбата на жените во Спарта не била ексклузивна, колку што жените во Атина трпеле поради воведувањето на демократијата, во чие средиште се наоѓале слободните, полнолетни мажи, со право да го креираат јавниот живот.

Ставови на Платон и Аристотел за женската природа

Ставот на Платон кон жените бил причина за многу дебати. Некои автори го сметале за феминист, додека други го толкувале како мизогинист.

Во своето најпознато дело „Држава“, Платон зборува како треба да изгледа една идеална држава. Според него, идеалниот полис би бил оној каде што секој би ја работел својата работа, согласно својата природа, потенцирајќи дека природата не е полово одредена. Споредувајќи ги машкиот и женскиот пол во животинското царство, Платон заклучил дека не постои ниту една работа која по својата природа би му припаѓала исклучиво на машкиот, односно женскиот пол. Тој сметал дека и двата пола треба да имаат еднакво право на воспитување и образование.

Она што е исклучиво карактеристично за Платон е вербата дека и мажите и жените треба да владеат со вештината на војување. Сепак, Платон истакнал дека мажите во сè го надминуваат женскиот род. Неговиот краен заклучок бил дека машката природа во сите параметри е надмоќна над женската.

За разлика од Платон, Аристотел сметал дека местото на жената е во рамките на домаќинството. Иако женската природа ја сметал за инфериорна и послаба од машката, Аристотел сметал дека жените се посупериорни во домаќинството во однос на мажите. Но, во надворешни услови, тој протежирал став дека жената треба да стои зад мажот, дека не треба да има политички права и дека не треба да се образова.

Но, според него, иако машката волја била супериорна, сепак половината од населението во полисот било сочинето од женска популација, па сметал доколку им се нанесува неправда на жените – не можело добро да функционира полисот. Тој сметал дека за среќата на поединецот првенствено бил неопходен и среќен полис. Од таа причина, сметал дека на жените им се нанесува неправда со тоа што се посочува дека машката природа е поквалитетна од женската.

Аристотел го критикувал обидот на Платон кој, споредувајќи ги со животинскиот свет, сакал да покаже дека жените треба да ги работат истите работи како и мажите. Клучна грешка во оваа аналогија, според Аристотел, бил фактот дека кај животните не постои домаќинство. Човечкиот род ги формирал домаќинствата и грижата за нив требало да им се препушти на жените.

Филозофијата на Аристотел влијаела врз средновековните христијански филозофи, кои ги презеле неговите ставови за разликите меѓу половите, но и ги надградиле. Големиот следбеник на Аристотел, Тома Аквински, сметал дека жените се само несреќа на сперматозоидите. Имено, ако не постои божја волја која сака да се роди женско дете, раѓањето на жените би било случајност, исто како и раѓањето на кој било монструм.

Тажно е што положбата на жените во однос на античкиот век, во текот на средновековието назадувала. Настанувањето и ширењето на јудео-христијанската култура довело до појава на многубројни промени во политичките заедници, кои во повеќето случаи не биле од прогресивен карактер.

Педерастијата е назив за интимен однос меѓу возрасно машко лице и момче-адолесцент, кои не се во крвно сродство. Во текот на историјата, педерастијата постоела и во многу други култури. Во текот на развојот и ширењето на христијанството, нејзиниот статус се менувал од крајно позитивен до крајно негативен. Важно е да се потенцира дека поимот сексуална ориентација не постоел како принцип на идентификување, за разлика од денешната западноевропска традиција.

Токму поради тоа, на машката природа се гледало како на подобра и поквалитетна од женската, интимниот однос меѓу двајца мажи се сметал за повисок по ранг отколку меѓу маж и жена или меѓу две женски лица.

Според нивно мислење, најидеален однос бил токму односот меѓу возрасен, филозофски образован маж и младо момче, кое требало да се насочува кон  вистинскиот, филозофски пат. Врската меѓу овие две машки лица не била чисто сексуална, туку имала и образовен карактер, како оние меѓу Ахил и Патрокле, меѓу Александар Велики и Хефајстион.

Но, многу време поминало од Аристотел и Платон до денес. За наша среќа, многу работи се промениле. Патот на развојот на нашето општество не бил лесен и секако не може да се претстави со нагорна права линија.

Останува ние да го унапредуваме она што сме го наследиле и да им оставиме во аманет на идните генерации подобар и поправеден општествен систем, како предуслов за добар и среќен живот на поединецот.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура