X
 02.11.2017 Здравје

Пестицидите виновни за неплодноста кај жените?

бремена

Научниците од „Харвард“ во ново истражување утврдиле дека остатоците од пестициди на овошјето и на зеленчукот може да ѝ наштетат на плодноста на жената. Истражувањето утврдило дека жените што јаделе овошје и зеленчук со релативно висока доза на остаток од пестициди потешко забременувале или родиле деца по третман за неплодност, во споредба со жените што јаделе овошје и зеленчук со помалку остаток од пестициди.

Истражувањето е едно од првите што укажуваат на оваа врска, па затоа се потребни дополнителни истражувања за да се потврдат резултатите, велат научниците. Истражувања извршени врз животни утврдиле дека консумирањето храна со траги од пестициди што се сметаат за сигурни е поврзано со помал број потомци. Но не е сигурно дали истото важи и за луѓето.

Поради пестицидите, мажите имаат помал број сперматозоиди


Во новото истражување биле анализирани податоци од 325 жени што поминале лекување на неплодноста користејќи потпомогнато оплодување. Пред почетокот на третманот пополниле прашалник за начинот на кој се хранат. Потоа научниците ги искористиле државните податоци за вообичаеното ниво на пестициди на различни видови овошје и зеленчук. Некои видови овошје и зеленчук, како јаготките, обично имаат високо ниво на остатоци од пестициди, а други видови, како грашок, сушени сливи и кромид, имаат ниско ниво.

Жените што јаделе две просечни порции овошје на ден за 18 отсто поретко останувале трудни и имале за 26 отсто помали шанси дека ќе родат. Врската останала и кога научниците зеле предвид и други работи што влијаеле врз репродуктивното здравје на жената, како возраста, индексот на телесна маса, пушењето. Научниците напоменуваат дека истражувањето само укажало на врската бидејќи не ги тестирале директно овошјето и зеленчукот на пестицидите, туку користеле постојна база на податоци.

Еден начин за намалување на изложувањето на пестицидите и на други хемикалии во околината е внимателно да се измијат овошјето и зеленчукот пред да се јадат, особено бремените жени и жените што се обидуваат да забременат. Освен тоа, претходно истражување утврдило дека мажите што јаделе овошје и зеленчук со високо ниво на пестициди имале помал број сперматозоиди.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје