Девојките во ласцивни пози одамна го окупираа „Фејсбук“, најголемата социјална мрежа. Аматерските фотографии направени во „пин-ап“ манир, во сопствена продукција (пред огледало) или со помош на најдобрата другарка, го красат профилот на „Фејсбук“ на секоја втора тинејџерка. Како одговор, се појавија дури и групи на „Фејсбук“ посветени на исмејување на овие, колку бизарни толку и тажни појави, во кои членовите меѓусебно си разменуваат и коментираат безброј фотографии од тинејџерки кои преку своите провокативни пози се обидуваат да изградат статус на секс-бомби и да укажат на својата сличност со Ријана, Бијонсе, Лејди Гага или Дита фон Тиз.
Секако, ова не е локална појава која настанала како последица на домашната турбофолк-култура, туку глобален тренд за кој редовно известуваат светските медиуми. Британскиот печат загрижено констатира дека е тешко да се најде девојка која не верува дека телото е единствена карта за успех и на која животен сон не ѝ е да стане старлета. Орди тинејџерки облечени како порно-ѕвезди ги окупираат дискотеките и ноќните клубови надевајќи се дека некој ќе ги забележи и подготвени се на сите видови понижувачки ситуации преку кои би се избориле за шанса во светот на „гламур-моделингот“, што е еуфемизам за позирање во т.н. списанија за мажи. Животни примери им се старлети, стриптизети и добро платени проститутки, како д-р Брук Магнанти, успешна научничка која со години водела двоен живот, работејќи како кол-девојка од високата класа, за со обелоденувањето на својот идентитет да стекне огромна популарност. Додека, според нејзините мемоари, кои ги пишувала во вид на блог под псевдонимот „Убавица на денот“, се подготвува ТВ-серија, Брук, како и други жени што својата сексуалност ја ставиле на пазарот, станува инкарнација на модерниот феминизам.
Навистина, хиперсексуализацијата на девојките и жените денес често се слави како знак на ослободување и зајакнување на женскиот род. Рушењето на сексуалните конвенции беше една од главните цели на движењето за ослободување на жените во текот на седумдесеттите, во време кога сексуално слободните жени сè уште носеа стигма на неморалност. Меѓутоа, се чини дека во меѓувреме, во текот на борбата против традиционалните норми кои од жените бараа чесност и скромност, и заложба за сексуална слобода каква што отсекогаш уживале мажите – сексуалноста стана единствен важен аспект на женската рамноправност. Дали сексуалната самодоверба е единственото нешто што денешните девојки го сметаат за важно, се прашуваат културолозите и феминистите, и дали идентитетот на сексуалниот објект или сексуалниот предатор е единственото на кое се сведува современиот поим на остварени жени?
„Да бидеш слободна денес значи да бидеш слободна да ги завиткаш нозете околу шипка за стриптиз, да ги покажеш градите во јавноста, да се однесуваш ласцивно и орално да ги задоволуваш момчињата на журките, наместо традиционалниот бакнеж за добра ноќ“, пишува Мелинда Тенкерд Рејст, австралиска феминистка. Сè посилен е притисокот врз девојчињата да се покорат на идеалот на слабите секси „лоши“ девојки, што остава големи последици, а желбата да се рушат табуата кои претходно ги штителе денес ги доведува во сè поголема опасност, заклучува таа.
Што се случи со идеалот за личен напредок и усовршување и кога тој се сведе на голо истакнување на надворешноста? Американската историчарка и феминистка Џоан Џејкобс Брамберг нурнала во дневниците на девојчињата за да открие дека идејата за личен напредок и усовршување се менувал низ времето.
Тоа што го открила е дека од почетокот на 20 век, под идејата за самоусовршување девојчињата сметале сè освен физичкиот изглед. Да станеш подобра личност значело да посветуваш помалку внимание на себе, повеќе да им помагаш на другите и целосно да се вложуваш во образованието. Типичен извадок од таков дневник гласел: „Се одлучив повеќе да не зборувам за себе и за сопствените чувства. Да размислам пред да прозборам. Да работам напорно. Да бидам воздржана во зборовите и делата. Да не дозволам мислите да ми скитаат. Да бидам достоинствена. Повеќе да мислам на другите“. Еден век подоцна, типичен извадок од дневникот на современо девојче звучи драстично различно: „Ќе се обидам да се подобрам колку што можам повеќе со помош на својата заштеда и парите што ги заработувам од чувањето деца. Ќе ослабам, ќе си купам нови леќи, веќе имам нова фризура, добра шминка, нова облека и други ситници“.
Американската авторка Ариел Леви во својата книга „Женски шовинистички свињи“ ги анализира процесите поради кои модерните жени ја усвоиле т.н. култура на ласцивност: часови стриптиз, идолизација на порно-ѕвезди, фризирање на интимните делови, импланти и сл. „Ако машки шовинистички свињи биле мажите кои ги сметале жените за парчиња месо, во тоа ги надминале женските шовинистички свињи – жени кои од себе и од другите жени создаваат сексуални објекти“.
Што толку ги фасцинирало модерните жени во појавите како што се стриптизерките и порно-ѕвездите? Одговорот на кој наишла е дека за овие, некогаш маргинализирани културни појави, денес сè повеќе се врзува идејата за женското „зајакнување“. Исто така, усвојувањето на овие традиционално машки обрасци на однесување (посета на стриптиз-клубови, гледање порно-филмови) за многу жени е начин да се натпреваруваат со мажите, т.е. да го победат чувството на сексуална инфериорност. Во ваквото однесување често има малку искреност, а многу труд да се имитираат мажите, заклучува Леви.
Сè на сè, се чини дека пораката што стигнува до девојчињата од современата култура е дека без секси фотографии на „Фејсбук“, потпетици од 15 сантиметри и вибратор во фиоката денес не можат себеси да се сметаат за „успешни“ и „силни“ жени. Жени кои не само што посакуваат, туку и живеат живот како од „Сексот и градот“, составен од бесконечни сеанси за разубавување, шопинг, сексуални авантури и нивно прераскажување со другарките. Проблемот е во тоа што таквиот живот, како во познатата серија, многу брзо се претвора во фарса.
Еден од подобрите текови во последната деценија од женската еманципација е тоа што порцеланските девојки денес не се подредуваат на стереотипот на порцелански кукли кои трепкаат послушно. Лошо е што сè повеќе се подредуваат на стереотипот на пластични кукли на надувување кои својот хиперсексуализиран идентитет го доживуваат како врв на женското самоостварување и триумф на рамноправност.
Колумна на
Јована Папан