(...) Подобро е високиот идеал за воспитување на личноста да не се применува на децата. Бидејќи она што обично се подразбира под „личност“, односно одредена психичка сеопфатност, способна за отпор и надарена со сила, е идеал за возрасен човек кој сака да го вметне детството во доба кога сè уште не е свесен за проблемите на својата т.н. зрелост или, што е уште полошо, кога свесно го избегнува. Имено, јас се сомневам дека нашето современо педагошко и психолошко одушевување за децата има нечесна намера: станува збор за детето, но притоа се мисли на детето кај возрасниот човек. Во возрасниот човек, всушност, се крие дете, вечно дете, кое сè уште се формира, но никогаш дооформено дете на кое секогаш му се потребни нега, внимание и воспитување. Тоа е дел од човечката личност што се стреми да се развие во целост. Но, од оваа целост човекот на нашето време е оддалечен како небото од земјата.
Во задушеното насетување на својот дефект, тој се зафатил со воспитување на детето и се воодушевува од детската психологија врз основа на омилената претпоставка дека во неговото сопствено воспитување и детскиот развој мора нешто да тргнало наопаку, нешто што може да се поправи во следните генерации. Оваа намера впрочем заслужува пофалби, но се разбива поради психолошкиот факт дека тој не може да коригира ниту една грешка која и самиот сè уште ја прави. Природно, децата не се толку глупави како што мислиме. Тие премногу добро забележуваат што е во ред, а што не е... Колку родители ми ја најавиле својата намера на своите деца да им заштедат искуство кое самите го искусиле во детството. Но кога ќе ги прашав: 'Но, дали сте сигурни дека сте ги надминале овие грешки?', тие беа сосема убедени дека кај нив одамна сите оштетувања биле коригирани. Сепак, во стварноста не беше таков случајот. Ако како деца биле премногу строго воспитувани, тие своите сопствени деца ги уништуваа со невкусна, неверојатна толеранција; ако во детството упорно им биле криени определени животни подрачја, тие на своите деца им ги откривале истите со иста таква упорност и просветителство. Значи, тие само оделе во друга крајност, што е најсилен доказ за трагично натамошно опстојување на старите гревови!
Сето она што сакаме да го промениме кај децата најпрво треба внимателно да провериме дали тоа најдобро би било да го промениме кај нас, како на пример, педагошкиот ентузијазам. Можеби тоа е наменето за нас. Можеби погрешно ја разбираме педагошката потреба бидејќи непријатно нè потсетува дека и самите сè уште сме деца на некаков начин и дека и нам ни треба воспитување.
Во секој случај, овој сомнеж ми изгледа безрезервно на место ако веќе се настојува децата да се воспитуваат како „личности“. Личноста е зачеток во детето што постепено се развива единствено преку животот. Без одреденост, сеопфатност и созревање, не може да се појави ниту една личност. Овие три особини не можат и не треба да бидат својствени за детето затоа што така тоа би било лишено од детството. На тој начин од детето би се создал неприроден, прерано созреан, возрасен човек-сурогат. Но модерното образование веќе создало вакви монструми, имено во оние случаи кога родителите вложиле вистински фанатизам дека постојано и секогаш го прават најдоброто за своите деца и „живеат само за нив“. Овој толку чест идеал сосема ги спречува родителите во нивниот сопствен развој, а го оспособува нивното сопствено
најдобро да им го наметнуваат на децата. Но што е во реалноста тоа таканаречено
најдобро? Тоа е она што родителите во голема мера го запустиле кај себе. На тој начин децата се поттикнуваат да постигнуваат резултати кои родителите никогаш не ги постигнале. Овие методи и идеали создаваат воспитни деформитети.
Не може некој кој самиот нема личност да одгледа една личност. И не детето, туку само возрасен човек може да ја достигне личноста, како зрел плод на животниот труд насочен кон оваа цел. Во достигнувањето на личноста лежи ништо помалку од најдобриот можен развој на целината на една посебна единка. За тоа е потребен еден цел човечки живот со сите свои биолошки, социјални и психолошки аспекти. Личноста е највисокото остварување на вроденото својство на посебното човечко битие. Личноста е дело на највисока животна храброст, апсолутна потврда на индивидуално постоење и најуспешно приспособување на универзалната даденост, заедно со најголемата можна слобода за одлучување...
Личноста како целосно остварување на севкупноста на нашето битие е недостижен идеал. Меѓутоа, недостижноста никогаш не била противпричина на идеалот, затоа што идеалите не се ништо друго освен патоказ, а не цел...