X
 12.11.2017 Живот

Писмото што предизвика хаос во Саудиска Арабија

1

Првото навестување дека нешто не е во ред дошло во писмо.


Во саботата, на 4 ноември, гостите на Риц Карлтон хотелот биле известени од самиот хотел: „Поради непредвидени резервации од страна на локалните власти за кои е потребно зголемено ниво на безбедност, не сме во можност да нудиме сместување, до враќањето во нормала“.

Било во тек чистка. За неколку часа, безбедносните сили обезбедуваа десетици членови на политичката и бизнис елитата на Саудиска Арабија, воглавно во главниот град и крајбрежниот град Џеда. Меѓу нив биле 11 принцови, министри и богати тајкуни.

Некои биле поканети на состаноци каде што биле задржани. Други биле уапсени во своите домови и пренесени во Ријад или однесени во хотелот „Риц Карлтон“, кој бил претворен во привремен затвор.

На притворениците им бил дозволен еден краток телефонски повик дома.

„Не добиваа повици и беа чувани со строга безбедност. Никој не можеше да влезе ниту да излезе. Очигледно имало многу подготовки позади сето тоа“, вели извор.

Сето ова било наредено од страна на 32 годишниот принц Мохамед бин Салман.

2
Принцот Мохамед/Фото: АР

Официјално следен во линијата за наследување на престолот од неговиот татко, Мохамед вети дека ќе ја трансформира земјата во модерна држава.

За да го стори тоа, тој одлучи прво да оди по саудиската елита, вклучувајќи и неколку членови од кралското семејство, обвинувајќи ги за земање мито и зголемување на трошоците за деловни проекти.

Во прашање е политичката стабилност во најголемата земја во светот за производство на нафта. Способноста на принцот да владее, зависи од тоа дали оваа негова акција била успешна. Тој верува дека ако земјата не се промени, економијата ќе потоне во криза што би можела да предизвика немири. Тоа може да го загрози кралското семејство и да ја ослабне земјата во нејзиното регионално ривалство со Иран.

Принцот Мохамед одлучил да започне со неговото семејство, кога сфатил дека повеќе роднини се противат тој да стане крал.

„Целата идеја за кампањата против корупцијата беше насочена кон семејството“, вели изворот.

Кралот Салман изјави дека акцијата е одговор на експлоатација од страна на луѓе што ги ставиле своите интереси над јавниот интерес со цел, незаконски да собираат пари. Владините поддржувачи ги отфрлија сугестиите дека кампањата е всушност начин за елиминација на политичките непријатели.

3
Принцот Митеб бин Абдула/Фото: AFP

Меѓу оние кои се наоѓаат во хотелот „Риц Карлтон“ е и принцот Митеб бин Абдула, шеф на моќната Национална гарда и братучед на принцот Мохамед. Митеб бил во неговата куќа во Ријад кога бил повикан на средба со принцот. Ваквата покана, добиена дури и ноќе, не би била невообичаена за висок функционер и во никој случај не би предизвикала сомнеж кај него.

Меѓу другите луѓе што се наоѓаат во хотелот е и принцот Алвалид бин Талап, претседател на меѓународната инвестициска фирма „Кингдом Холдинг“ и роднина на принцот Мохамед, како и принцот Турки бин Абдула, поранешен гувернер на провинцијата Ријад и син на починатиот крал Абдула.

Кралските стражари велат дека тензиите започнале за време на семејните состаноци уште во текот на летото. Принцот Мохамед, во интервјуа отворени изјави дека ќе ја испита ендемската корупција во кралството и нема да се двоуми да тргне по високите функционери.

Саудиските власти испрашале 208 лица во истрагата против корупцијата и проценуваат дека биле украдени најмалку 100 милијарди долари. Шефот на комисијата изјави дека три години се собирале докази.

„Принцот Мохамед го искористи коруптивниот штит што може да стигне било кој од нив. За првпат Саудијците ќе бидат сведоци во судење на принцовите за нивната корупција“, вели Џамал Кашоги, поранешен советник на принцот Турки ал Фаисал.

Но според Хашоги, принцот Мохамед бил селективен.

„Верувам дека принцот Мохамед е националист кој ја сака својата земја, и сака да биде најсилен, но неговиот проблем е што сака да владее сам“, вели тој.

Принцот Мохамед бил назначен за министер за одбрана во 2015 година, кога кралот Салман станал монарх. Во јуни, кралот го именувал за наследник на тронот, тргнувајќи го настрана неговиот постар братучед Мохамед бин Најеф, ветерански шеф на безбедносните сили. Кралското семејство се согласило и до септември, принцот успеал да ги затвори неговите верски и интелектуални противници.

Последните притворања се наменети да му помогнат да ги реализира реформите што ветуваат најголема промена во владеењето на кралот Абдулазиз, основач на сегашната саудиска држава во 30-те.

Владејачкото семејство вети дека на Саудијците ќе им овозможи удобен живот и дел од нафтеното богатство на земјата. За возврат, нивните поданици понудија политичка потчинетост и ветија дека ќе ги следат строгите верски и социјални закони во земјата.

Кралот Абдулазиз, познат како Ибн Сауд, починал во 1953 година. Оттогаш, со Саудиска Арабија управува кралот, а под него има група на принцови, но ниту еден доволно силен да ја наметне својата волја против желбата на другите.

Одлуките главно доаѓаат преку консензус. Овој аранжман значи дека општествените и политичките промени се глацијални, а ова го задржало царството стабилно. Но принцот Мохамед како новиот Ибн Сауд, ги урива столбовите на владеењето. Консензусот е заменет со она што критичарите велат дека е владеење на еден човек.

Во изминативе неколку децении, секој саудиски крал имал еден или двајца од неговите браќа, синови или внуци покрај него, советувајќи го и делејќи ја со него власта. Но принцот Мохамед не назначил ниту еден од неговите браќа или блиското семејство на врвна позиција, туку се потпирал на тим на советници - воглавно Саудијци, обучени во Америка или Британија.

Кралот Салман, кој има 82 години, сè уште го има последниот збор за сè. Но, тој му ја препуштил власта на Мохамед кога станува збор за воените, безбедносните, економските, странските и социјалните работи на кралството.

И возраста на принцот е неверојатна. Последните три кралеви кои седнале на престолот биле на возраст од 61, 80 и 79 години. Принцот Мохамед започнал да владее на 32 години.

Принцот Мохамед вели дека нуди нов социјален договор: држава која функционира подобро од крутата бирократија во минатото, можности за забава и економија што ќе создаде работни места што можат да траат, што и да се случи на пазарите за нафта.

Во септември, тој најави дека жените во Саудиска Арабија ќе добијат право да возат. Само пред три недели, за време на конференцијата за инвеститори во истиот „Риц Карлтон“, во кој сега се сместени целите на неговата чистка, тој го претстави планот за футуристички град во вредност од 500 милијарди долари, каде што половите би можеле да се мешаат, а роботите ќе ги надминат луѓето.

Исто така, принцот подготви план за откажување на Саудиска Арабија од нејзината зависност од нафта и нејзините субјекти од државните субвенции и владините работни места. Јавниот оглас на националната нафтена компанија „Саудиј Арамко“, планиран следната година, е нејзин централен дел.

Но не постојат гаранции дека амбициите на принцот ќе бидат успешни. Дури и некои обожаватели се прашуваат дали неговите подвизи го надминуваат неговото разбирање. Неговиот приод од врвот надолу, без да се спротивстави на опозицијата, би можел да ги заплаши инвеститорите кои сакаат да се уверат во владеењето на правото и безбедноста. Без огромна поддршка од инвеститорите, тој ќе се бори да ги задоволи аспирациите на саудиската младина.

Војната во Јемен, спорот со емирот на Катар и зголемената напнатост со Иран се работи за кои инвеститорите и тоа како се грижат.

Треба да помогне тоа што принцот Мохамед, по примерот на Ибн Сауд, ја гледа важноста на формирањето на специјална врска со Америка

За време на посетата на Саудиска Арабија во мај, американскиот претседател Доналд Трамп побара од Ријад да започне сојуз против Иран.

Набргу потоа, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати го блокираа Катар, обвинувајќи ја владејачката династија Ал Тани за поддршка на Иран и исламистичкиот тероризам.

Трамп ја даде својата поддршка. По апсењата што се случија изминатата недела, Трамп изјави дека уапсените со години ја искористуваат нивната земја.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот