X
 17.02.2022 Наука

Мрежницата на окото може да покаже колку е здрав вашиот мозок

Алцхајмеровата болест е подмолна мозочна болест означена со бавен ментален пад што може да се развива незабележано со децении пред да се појават симптомите, но скриените знаци на состојбата може да постојат многу порано.

Новото истражување посочува дека истенчувањето на мрежницата на човекот - ткивото чувствително на светлина што го обложува задниот дел на окото - е поврзано со когнитивните перформанси.

Иако се потребни повеќе истражувања, тимот кој стои зад оваа нова студија вели дека наодите еден ден би можеле да го отворат патот кон едноставен очен тест кој би можел да помогне да се предвиди ризикот на лицето за состојби како што е Алцхајмерова болест, најчестиот облик на деменција.

- Со оглед на тоа што не бевме во можност да лекуваме напредна Алцхајмерова болест и со оглед на тоа што глобалната преваленца на болеста се зголемува, навистина е важна можноста да се идентификуваат луѓето во претклиничка фаза, кога сè уште ќе имаме шанса да интервенираме - вели здравствениот истражувач Ешли Барет-Јанг од Универзитетот во Отаго, Нов Зеланд.

Луѓето со Алцхајмерова болест често живеат со оштетување на видот што може да придонесе за ментална конфузија, дезориентација и социјално повлекување - сите симптоми кои, заедно со губењето на меморијата, го нарушуваат секојдневниот живот на милиони луѓе што живеат со оваа болест.

Сепак, ова не е првпат научниците да сугерираат дека очите би можеле да бидат прозорец кон мозокот. Пред повеќе од една деценија истражувачите открија амилоид - бета-протеин во мрежницата на луѓето со оваа болест, а последователните студии за очите открија дека пациентите со Алцхајмерова болест имаат и потенки мрежници.

Студијата од 2018 година, исто така, откри силни врски помеѓу Алцхајмеровата болест и три вообичаени состојби на очите, вклучувајќи глауком и макуларна дегенерација.

Додека ваквите набљудувани асоцијации се интригантни, факторите на ризик за Алцхајмеровата болест се многу различни, така што засега секоја поврзаност помеѓу Алцхајмеровата болест и здравјето на очите сè уште е под интензивна истрага.

oko
Фото: Freepik

Во новата студија истражувачите ги разбиле податоците од долготрајната студија Дунедин, која ги следела животите на над 1.000 бебиња родени во раните 70-ти години во една болница во Нов Зеланд од нивното раѓање.

Пет децении подоцна, Барет-Јанг и неговите колеги избрале подгрупа од 865 возрасни што имале скенирање на очите на возраст од 45 години, заедно со невропсихолошки тестови во зрелоста и раното детство, како дел од експериментот Данедин.

Дебелината на два различни дела на мрежницата (слоеви на нервни влакна на мрежницата и слоеви на ганглиски клетки) биле измерени на скеновите.

Анализата покажала дека учесниците во студијата со потенки слоеви на мрежницата имале пониски резултати на тестовите за когнитивни перформанси, и како возрасни и како деца.

Сепак, не биле пронајдени асоцијации помеѓу танчењето на мрежницата и целокупниот пад на когнитивните перформанси (помеѓу детството и средната возраст) што може да укаже дека нешто се случува во мозокот.

Додека потенките слоеви на нервните влакна на мрежницата на 45 години биле поврзани со падот на брзината на обработка на мозокот уште од детството, тоа може да биде само знак на општо стареење, а не нужно поврзано со Алцхајмерова болест.

- Наодите посочуваат дека дебелината на мрежницата може да биде показател за целокупното здравје на мозокот - вели Барет-Јанг, кој ја водел студијата.

Дали некогаш ќе биде возможен очен тест за предвидување болест толку сложена и подмолна како Алцхајмеровата, останува непознато. Сепак, голем број претходни студии, вклучително и луѓе со деменција, не само здрави возрасни, сугерираа дека истенчувањето на мрежницата може да им претходи на когнитивниот пад и дијагнозата на деменција.

Но, ова е релативно ново поле, па потребни се повеќе истражувања за да се раздвои редоследот на настаните, да се види дали истенчувањето на мрежницата всушност му претходи на почетокот на Алцхајмеровата болест, дали промените се секундарни симптоми на болеста или едноставно го одразуваат стареењето или други фактори на животниот стил.

Истражувачите мислат дека испитувањето на истенчувањето на мрежницата како биомаркер на когнитивни промени вреди да продолжи да се разгледува имајќи го предвид она што е откриено досега.

Имајќи предвид дека рутинските очни тестови се поевтини од скенирањата на мозокот што вообичаено се користат за истражување на здравјето на мозокот, тие би биле исплатлива алтернатива за следење на промените во здравјето на мозокот со текот на времето - доколку се направат идни студии.

- Во иднина може да се користи вештачка интелигенција за да се направи типично скенирање на оптичка кохерентна томографија, направено кај оптометрист, и да се комбинира со други здравствени податоци за да се утврди вашиот веројатен ризик за развивање Алцхајмерова болест - вели Барет-Јанг.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука