Многу корисници честопати го исклучуваат ѕвонењето на мобилниот телефон, како и сигналот за добиена порака, за да бидат мирни. Меѓутоа, токму тогаш доаѓаат до израз таканаречените „фантомски вибрации“ – чувство дека на телефонот им стигнала порака или повик, иако тоа не е случај.
Според едно истражување од Тајланд, 95 проценти од сопствениците на мобилни телефони почувствувале фантомски вибрации, а дури 84 проценти „чуле“ ѕвонење од мобилниот телефон. Слична работа важи и за мобилните телефони што се опремени со сигнализирачка ЛЕД-ламбичка – колку ли често се случува со периферниот вид да ни се чини дека стигнала порака или нешто слично?
Сличен резултат е констатиран и во 2012 година, од едно истражување спроведено во Индијана. Од околу 300 студенти, 89 проценти почувствувале некаков вид фантомски вибрации на својот мобилен телефон, во просек еднаш на секои две недели.
Психологот Дејвид Ларами во својата дисертација во 2007 година го опишал чувството познато како „ringxiety“ (комбинација од англиските зборови ring и anxiety, со значење „ѕвони“ и „анксиозност“) иако работата не била сосема нова. Многу пред проширувањето на употребата на мобилните телефони во светот слични фантомски чувства имале и сопствениците на пејџерите. Значи, чувството не било ново – се проучувало веќе десетина години.
Во истражувањето на Ларами се открило дека голем број возрасни лица доживувале и звучни халуцинации – две третини слушале дека им ѕвони мобилниот, иако тоа не било случај.
Како и да е, виновник за ваквата појава е мозокот – иако точните механизми што стојат зад чувствата и халуцинациите не се целосно јасни ниту денес. Во едно истражување од 2010 година, поврзано со болнички персонал, се истражувала хипотезата дека фантомските сигнали всушност настануваат поради погрешно интерпретирање на сигналите во мозочната кора.
Човечкиот мозок е брилијантен или брилијантно бизарен кога се филтрираат вишок информации. Благодарение на тоа својство, се изведуваат разни трикови, оптички илузии и слично. Мозокот едноставно ги филтрира сите содржини што доаѓаат од сите сетила, а кои ги смета за непотребни.
Постојат неколку претпоставки за механизмот на настанување на фантомските вибрации и халуцинации; токму фактот дека мозокот ги филтрира „работите“, пропуштајќи ги само „важните“, најверојатно игра голема улога. Ако мозокот очекува повик, може погрешно да ја интерпретира информацијата од некое сетило, па да го „увери“ лицето дека мобилниот телефон вибрира или ѕвони.
Но, има и други идеи. Истражувањето на Универзитетот во Мичиген од 2016 година откри дека „
ringxiety“ е поврзано со несигурноста кај луѓето. Трудот откри дека понесигурните луѓе имаат поголеми шанси да почувствуваат зачестени фантомски вибрации на мобилните телефони.
Она што е заедничко на сите истражувања е дека ваквите работи иритираат многу мал процент на луѓе – некаде околу два процента од сите испитаници.