Ниту едно уметничко дело во историјата не може да се спореди со „Мона Лиза“ по бројот на различни теории во врска со нејзиното настанување и значење. Приказната за жената со мистериозна насмевка, која Леонардо да Винчи ја нацртал во 16 век, секој ден добива ново неверојатно продолжение.
Податокот што се учи во учебниците по историја на уметност е дека „Мона Лиза“ била инспирирана од Лиза дел Џокондо, а за авторите, оваа теорија е најмалку релевантна можност. Така, на пример, Силвано Винченти, претседател на италијанскиот национален комитет за културно наследство, вели дека Да Винчи бил инспириран за ова дело од неговиот ученик и можен љубовник Салаи.
Експертите од парискиот „Лувр“, каде што се чува „Мона Лиза“, велат дека можноста Мона Лиза да е маж е една лоша шега. Винчети не се откажал од неговата теорија. Тој вели дека со споредување на карактеристиките на лицето на неколку дела на Да Винчи, како „Свети Јован Крстител“ и „Ангело Инкарнате“, се открива неверојатна сличност со носот и устата нацртани кај „Мона Лиза“.
„Мона Лиза“ била нацртана во периодот од 1503 до 1519 година, со маслени бои врз табла од топола. Нејзините димензии се 77 х 53 сантиметри.
Официјалната верзија вели дека на сликата се наоѓа Лиза дел Џаконодо, а како доказ се наведува белешката на Агостин Веспучи од 1503 година.
„Мона“ е кратенка од „ма дона“ (моја дама).
Постојат околу 300 слики и 2.000 реклами инспирирани со ликот на Мона Лиза. Како можни модели за сликата се јавуваат имиња на осум жени, а меѓу нив и мајката на Леонардо, Катерина Бути дел Вака, а постојат и теории дека Леонардо се насликал самиот.
„Постојат фантастични сличности. Покрај тоа, Леонардо оставил неколку траги за полесно да го идентификуваме моделот. Можат да се пронајдат буквите Л и С нацртани во очите на Мона Лиза, што се почетни букви од имињата на Леонардо и Салаи“, вели Винченти.
Ни Винченти не успеал да одолее на познатата слика да бара шифри што наводно откриваат долго скриени детали за нејзиното создавање, па така открива дека на мостот во заднина го видел бројот 72, што се поврзува и со еврејската и со христијанската традиција.
„Невидливи за голото око и насликани со црна боја на зелено-кафеава подлога, во левата зеница се наоѓаат буквите ЛВ, очигледно иницијалите на Леонардо, но десната зеница на окото на Мона Лиза е уште поинтересна“, вели Винченети додавајќи дека таму се видливи буквите Б, С, Ц и Е, што се наводно иницијали за моделот што позирал. „Лувр“ и овие теории ги отфрлил како бесмислици.
Италијанските експерти по двонеделно истражување со помош на геогард и стари мапи и документи, пронашле крипта во еден напуштен манастир за кој тврдат дека е гробот на Џокондо. На ова истражување работела и Наталија Гучардини Строци, потомок на
Мона Лиза, која на почеток се спротивставила на истражувањето сметајќи дека нејзината прабаба има право да почива во мир, меѓутоа, подоцна се премислила.
„На почеток самата помисла на копање на гробот ме ужаснуваше, но сега сум фасцинирана и сакам да знам дали ова е местото на кое почива еден од моите предци“, вели таа.