Ако дома имате зимска јакна која ви стои во плакарот и не ви треба, на 4, 5 и 6 декември, донирајте ја на улица „Македонија“ во Скопје или закачете ја на било кое дрво низ градот, за да ја земе некој на кој му треба да се стопли.
По примерот на многу европски земји, на Фејсбук се појави граѓанска иницијатива, која има за цел да собере што поголем број на зимски јакни наменети за социјално загрозените граѓани и оние кои и најстудентите денови ги поминуваат на улица.
„ Ајде да помогнеме! Идат зимски денови и има луѓе на кои можеме да им помогнеме! Идејата е на 4,5 и 6 декември од 13 часот до 18 часот да ги собереме јакните кои не ни се потребни нам - но на некој друг живот му значат. Да ги ставиме низ центарот и околината на Скопје, за да може секој на кој му треба топлина да се згрее во овие студени ноќи и денови. Сите вие кои сакате да ги донирате вашите јакни може да го сторите тоа во определените денови. Дел ќе се остават низ Скопје за да можат да ги земат луѓето кои што не се во можност да дојдат до пунктовите и луѓето кои се на улиците како и социјално загрозените. Дел лично ќе ги поделиме на бездомниците, а останатите ќе ги однесеме на пунктовите каде што веќе се собираат донации, за луѓето на кои што им се потребни, пишува на Фејсбук настанот
„На секој му треба топлина“!
Организаторите ги повикуваат сите што не се во можност да донираат јакни во вој период, истото може да го направат на своја рака во својата општина.
- Закачете ја својата јакна на било кое дрво - сигурно ќе се најде некој на кого му е потребна топлина – велат организаторите.
Сите што сакаат да донираат јакни може да ги донесат на улица „Македонија“ во Скопје, на 4,5 и 6 декември од 13 до 18 часот.