X
 30.12.2022 Наша тема

Македонците се хумани и во криза - платени 2.730 сметки за струја и за вода, секојдневно се донираат по 300 оброци, се градат и се реновираат куќи

Со хуманоста од народот се направија нови куќи, се реновираа постојни домови, добија станови, вработување, средства за лекување, за храна. Оние што донираа и донираат ќе се препознаат и верувам дека заспиваат мирно и со полно срце. А има и такви што иако живеат скромно, сакаат симболично да помогнат со облека, мебел, да го поделат оброкот, вели Оливера Петрушевска, автор и водител на емисијата „Срце на дланка“

Зад нас оставаме една долга, тешка година и живееме во силна економска криза. Но и покрај сите поскапувања, инфлацијата, рестрикциите..., македонскиот народ секој ден докажува и покажува дека има човечност, добрина, хуманост. Особено кон послабите или кон поранливите сограѓани. Хуманитарните организации кои се линк меѓу народот и ранливите категории, кои се обидуваат да им го засладат барем малку секојдневието на ранливите групи, едногласно потврдија дека македонскиот народ е хуман и секогаш расположен да помогне. На многубројните хуманитарни акции се вклучуваат илјадници луѓе, дневно се хранат стотици фамилии, им се донираат пакети, им се плаќаат сметки, им се донира техника, мебел, облека...

Ways2Help: Броиме речиси 5 милиони донации


- Според последните статистики, повеќе од 450 илјади граѓани во Македонија во 2020 година живееле под прагот на сиромаштија, претворено во проценти ова значи дека стапката на сиромашни лица од вкупното население е речиси 22 проценти, и оваа бројка постојано се зголемува. Ова е доказ дека им е потребна поголема помош на овие семејства и затоа сме многу горди што го основавме Ways2Help. Благодарение на Ways2Help Плати Сметка акцијата и хуманоста на сите донатори, усреќивме и им дадовме надеж на над 200 семејства. Броиме речиси 5 милиони, или поточно 4.936.845 ден. донации со вкупно 2.730 платени сметки за струја и за вода. Исплатата на овие сметки е од над 2.689 индивидуални донатори и е повеќе од доказ за хуманоста на нашиот народ, тоа е и причина и мотив за поинакво утре за семејства кои долги години немале струја, греење и светлина и олеснување додека не најдат работа и не застанат повторно на нозе. Покрај можноста за индивидуално електронско донирање, имаме помош и од над 50 компании кои сами ни пристапиле и пријавиле интерес да придонесат, за што сме особено благодарни на довербата - споделуваат од Ways2Help.



Ways2Help има организирано и акции за собирање храна за бездомни лица.

- Со последната акција „Донирај конзервирана храна“ беа донирани над 93,2 килограми конзервирана храна, 75,8 килограми различни производи, 3,7 килограми хигиенски средства, и 47 килограми облека. Со акцијата „Донирај училиштен прибор“, која всушност ја организираме секоја година, оваа година успеавме да обезбедиме над 500 ранчиња и училиштен прибор за деца од социјално загрозени семејства. Акциите „Плати сметка“, „Донирај училиштен прибор“, „Биди и ти некому Дедо Мраз“ се уште еден доказ дека луѓето сакаат да помогнат, но и сакаат да знаат каде придонесуваат, битна им е довербата, веродостојноста и транспарентноста, па затоа многу внимаваме и сме целосно транспарентни. Секој од овие донатори може да дојде и на самото место да ги запознае семејствата каде што одат овие донации. Целиме да ја потврдиме довербата и да покажеме дека заедно може многу да помогнеме. Со ова што го правиме сакаме да ги охрабриме и другите организации да стапат во контакт со Ways2Help и да најдеме и други начини за помош на сите оние на кои им е најпотребна - посочуваат од организацијата.



Да се биде #Ways2helper значи да се биде проактивен, иновативен и хуман – тоа се главните карактеристики на нашиот тим и на нашата заедница, велат од организацијата.

- Нашата цел беше многу поголема од тоа да ја креираме Ways2help како платформа. Имавме цел да ја вратиме довербата и да ја разбудиме емпатијата со идеја како да се помогне во време кога на секој му е потребна помош. Токму затоа, нашата мотивација не згаснува ни ден-денес, бидејќи веруваме дека постојат уште многу начини како да се помогне и бидејќи знаеме дека некој ден ќе бидеме доволно храбри да ги реализираме и да ги направиме дел од нашата реалност - велат од Ways2help.

„Срце на дланка“ - помош за 250 семејства

„Срце на дланка“ е телевизиска емисија која има социјално хуманитарен карактер. Трета година по ред им помага на семејства и граѓани кои живеат на работ на сиромаштијата.

- Кога е во прашање хуманоста, не смее да се гледа верска, етничка или национална припадност. Не треба да се гледа дали некој порано имал сѐ и пропаднал, дали некој никогаш немал ништо, дали бил добар или лош, па според тоа да оценуваме дали треба или не треба да му се помогне. Зашто не е воопшто лесно да ја исправиш раката и да молиш за помош. А и не сме ние тие на кои ни е дадена задача да судиме. Но, дадена ни е задача да помагаме и ако можеме некому да му го олесниме или подобриме животот, треба да го направиме тоа. Затоа и во емисијата „Срце на дланка“, која во македонскиот етер е присутна веќе трета година, ги охрабруваме сите што имаат каква било потреба да го кажат својот проблем - вели Оливера Петрушевска, автор и водител на емисијата „Срце на дланка“.



Тие досега им имаат помогнато на околу 250 семејства, колку што посетиле и снимиле емисии. И сите се различни категории луѓе кои на работ на егзистенцијата дошле поради различни причини.

- Најчеста причина е сиромаштијата. Или неможноста на луѓето да се снајдат со минималните или никаквите примања, многудетните семејства, семејства на луѓе со посебни потреби, луѓе имаат стандард за живот како во минатиот или предминатиот век или луѓе кои поради хронична или неочекувана болест мора да побараат помош од народот. И, нормално, од другата страна е народот кој како едвај да чека чија животна приказна ќе ја раскажеме оваа недела. Но, не за да гледа сеир, туку за да помогне колку што може. Од досегашното искуство и со груба математика, досега хуманиот македонски народ и институциите им помогнале барем на половина од емитуваните стории. Најчесто се помага на многудетните семејства, а нечија сторија знае да направи таков бум, што уште по самата најава на емисијата ни бараат контакт со семејството. Многу семејства добиваат социјален стан, материјали за нов дом, храна, мебел, финансиски средства. Има и Македонци тука и во странство кои сами ни бараат жиро-сметки или се консултираат со нас како да помогнат. Секоја чест и јавно сакаме да им се заблагодариме на сите донатори. Има и некои 10 проценти од народот кои само гледаат отстрана и само сакаат да му наштетат на некој сосед или близок со лош збор или коментар на социјалните мрежи. Но, тој процент во морето од хумани луѓе речиси се топи - ни споделува Оливера.



„Свети Спас“ - пакети за 290 семејства

Екипата на „Срце на дланка“ е горда на своите соработници и помагачи, а уште погорда што многу семејства денес имаат подобар квалитет на животот.

- Направија нови куќи, реновираа постојни домови, добија станови, добија вработување, средства за лекување, за храна. Оние што донираа и донираат ќе се препознаат и верувам дека заспиваат мирно и со полно срце. А има и такви кои иако живеат скромно, сакаат симболично да помогнат со облека, мебел, да го поделат оброкот и слично. Со тоа се соочуваме низ целата година, а хуманоста особено се буди во празничниот период, како сега, па се донираат елки, украси, пакетчиња, празнична храна. Ова е навистина голем проект чија првична цел беше будење на општествената свест кај народот. Но, увидовме дека преку него може да го подобриме квалитетот на многу семејства во нашево општество, па во иднина очекуваме поддршка и од големи компании и институции за да може да продолжи нашата мисија и да ги избришеме солзите на оние на кои им крвави душата - истакнува Оливера.

Отец Оливер Петровски од хуманитарната организација „Свети Спас“ ни потврди дека Македонците се најхуманиот народ. И покрај тоа што е криза, народот сака да помага и да го подели и последното парче леб.

- Да бидеме реални, оваа организација е токму народот, тој ја сочинува. И дефинитивно можам да кажам дека Македонците се најхуманиот народ. Одѕивот на нашите акции е одличен. И во најлошите моменти луѓето го вадат најдоброто од себе, колку имаат, толку делат. Можеме да се пофалиме дека секој ден во народната кујна што ја основавме подготвуваме од 200 до 300 оброци за ранливите категории. И на 290 семејства им помагаме секој месец со донирање пакети. И за сето тоа е заслужен народот и неговата хуманост. Ние сме само линкот што ги поврзува - вели отец Оливер.

Фото: „Срце на дланка“, Ways2Help
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема