X
 07.08.2019 Живот

Кога државата ќе потфрли, тука е отец Оливер од Драчево! „Свети Спас“ и добрите луѓе хранат 200 семејства

Помагајте! Вие што имате повеќе, дајте им на тие што немаат ништо. Ова е неговата порака до сите граѓани. „Свети Спас“ работи под покровителство на Македонската православна црква и со благослов од нејзиниот поглавар г.г. Стефан.

Мек на збор, љубезен, тивок и кроток... На прв поглед вака изгледа отец Оливер Петровски од Драчево, кој раководи со хуманитарната организација „Свети Спас“. Но, овој човек сета негова кроткост за неколку секунди ја претвора во бунтовност и борба кога ќе слушне лелек за помош.
„Помагајте! Вие што имате повеќе, дајте им на тие што немаат ништо“. Ова е неговата порака до сите граѓани. Логична е, но за жал не стигнува до сите. Иако, во последните неколку години многумина ја слушнаа, организацијата порасна, па благодарение на тоа, повеќе од 200 семејства денеска редовно добиваат помош во храна и средства за хигиена.
„Свети Спас“ работи под покровителство на Македонската православна црква и со благослов од нејзиниот поглавар г.г. Стефан.


Отец Оливер Петровски
Пари не примаат, само производи

Отец Оливер и другите волонтери помагаат и при несреќни случаи, на семејства што изгубиле сѐ во пожари, поплави, на болни, самохрани родители...
Пари не примаат, само помош во производи. Отецот вели дека дека така е чист пред сите.

- Кој сака, може да купи производи, мебел што не го користи може да го донира, облека. Имаме два магацини, еден за храна, друг за покуќнина. Само двапати годишно примаме на трансакциска донација кога треба да се плати регистрација за комбето и пикапот – објаснува отец Петровски.

Нема некој што не го познава овој хуманитарец. Додека се шетаме со него низ Драчево, секој го поздравува, му кажува убав збор, неколкумина и го прашаа кога е во црквата или во магацинот за да остават донации. Организацијата функционира одлично, но како што вели отецот, среќен ќе биде кога ќе нема гладни и несреќни, кога нема да има потреба од ваква помош...

Почнале со работа во 2015 година. Има многу волонтери што секојдневно жртвуваат дел од слободното време за да им помогнат на други.
- Малку сме за сето она што треба да се сработи. Нам не ни е доволно едно деноноќие да завршиме сѐ. Малку ни е. Пред неколку дена, на пример, кога слушнавме за пожарот во Берово во социјалната зграда, веднаш отидовме. Се трудиме да бидеме таму, онаму каде што сме потребни. Но, за жал, нашите ресурси се премногу ограничени. Во моментов редовна месечна помош во храна и средства за хигиена носиме за 200 семејства, но имаме сѐ повеќе барања. На многумина веќе не можеме да им одговориме позитивно, не затоа што не заслужуваат помош туку затоа што толкави се нашите можности. За среќа, се вклучуваат сѐ повеќе луѓе и компании - вели отец Петровски.



Црквата помага

Помошта за семејствата е главно во храна што не се расипува. Многумина од нив немаат фрижидери, немаат струја, па не смее да се носи расиплива храна. Имаат и редовна донација од пилиња, млеко и млечни производи, сувомесни производи, но внимавaат како ја проследуваат.
- Гладни да нахраниме, жедни да напоиме, голи да облечеме. Тоа е пораката од нашиот Господ Исус Христос. Таа порака нè води сите нас, се обидуваме да ја исполниме оваа заповед.
Кога државата потфрла да им помогне на социјално-загрозените семејства, организациите како оваа стапуваат на сцена.
Отецот раскажува дека минатата недела во Делчево две семејства ги изгубија становите во пожарот. Едно од нив е буквално сместено во плевна.
- Градоначалникот бил на одмор, администрацијата не знаела што да прави. Тоа ни го одговорија кога ги прашавме зошто не им помогнаа. И јас бев на одмор, ама телефонот не го исклучив. Одговарав и помагав. Факт е дека државата треба повеќе да се вклучи, институциите треба да имаат поголемо разбирање за самите хуманитарни организации. На пример, поднесовме барање до „Македонијапат“ да нè ослободи од плаќање  патарина бидејќи со комбето постојано одиме од град до град и разнесуваме помош, но нѐ одбија. Ние не работиме со пари, само со донации, а сѐ плаќаме од сопствен џеб ако треба нешто да се плати. Има исклучоци, на пример, нашата Општина ни ги плаќа магацинот и режиските трошоци. Вториот магацин за покуќнината ни го плаќаат наши поддржувачи од Швајцарија.



„Свети Спас“ е всушност хуманитарна организација на Скопската православна епархија при Македонската православна црква. Зад неа стои црквата. Речиси сите скопски цркви учествуваат со месечна континуирана помош во хуманитарната организација.
- Црквата помага, тоа постојано го повторувам. И хуманитарната организација не е отец Оливер, народот е, сите добри луѓе.

Оние што имаат да им помагаат на оние што немаат

Отецот се надева дека во иднина бизнис-секторот од Македонија повеќе ќе се вклучи во помош со донации.
- За жал, во моментов имаме соработка со десетина фирми. Тоа се „Анакон“, „Пекабеско“, „Здравје Радово“, „Рудине“, „Зегин“, „Авицена“, „Алкалоид“, „Кармен“... Оние што имаат би требало да им помагаат на оние што немаат. За жал, не е така. И секогаш наоѓаат некоја причина зошто не го прават тоа. Општинската, централната власт треба да се вклучат повеќе. И секако - фирмите. Неделава сме испратиле повеќе од 200 е-пораки до компании што можат да помогнат. Добивме само еден повратен одговор, дека сме одбиени. Не ни одговараат на е-пораките, не нè удостоија со одговор. Ние пари не бараме, туку она што го произведуваат, она што ќе им остане. Зошто да го фрлите во Дрисла кога можеме да го дадеме некому - вели Петровски.

Го прашуваме што е она што му дава сила да го прави ова?

- Тоа што го гледам ми дава сила. Без разлика дали сум преморен, изнервиран, сите чувства гледам да ги потиснам за да ја поправам таа неправда што ја гледам. Можеби ќе звучи утопистички, но се надевам дека еден ден нема да се делиме на богати и сиромашни, туку само на луѓе или нелуѓе. Моја најголема желба е да нема потреба никаде од наша помош и да ја затвориме организацијата. Дека нема да има глад, сиромаштија и детски солзи. Но, сè додека има потреба од нас, ќе постоиме и ќе помагаме.

Покрај редовната помош за семејствата тие организираат и реновирање на домови.
- За мајката од Тетово успеавме да најдеме донатори кои ќе ја плаќаат киријата. Вера и нација не нѐ интересираат, им помагаме на сите. Ние сме сите браќа и сестри. Оваа мајка со четири деца буквално живееле од тврди бели печива. Љутвие и децата, како може државата да го дозволи тоа? Мене сите случаи ме допираат во срцето, деца гладуваат. Се надевам дека нашите пакети во иднина ќе содржат храна за цел месец, затоа замолувам повеќе компании да се вклучат.



Основна задача на хуманитарната организација е да им помогне на луѓето да се вработат и да застанат на свои нозе. Имаат многу успешни приказни, но, за жал, и неуспешни.
- Има семејства кои по неколку пати одбиваат вработување кое сме им го нашле. Тогаш се повлекуваме, не им помагаме повеќе. Наша цел е сепак да им помогнеме да застанат на нозе.
За крај, отец Оливер порачува да бидеме луѓе. Тоа е најважното.
- Ако сме луѓе, ќе си помагаме едни на други. Да не се оставаме на цедило. Дајте да се гледаме како браќа, доста се гледаме со омраза. Нема наши и ваши, сите сме исти, сите сме наши.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот