Недоволната запознаеност на младите со Националната стратегија за соработка и спречување на одливот на млади и висококвалитетни кадри и ниската искористеност на потенцијалите на висококвалификуваните иселеници се главните заклучоци што беа истакнати на конференцијата „Како институциите се справија со одливот на мозоци 2013-2020?“, која се одржа денеска во организација на „Мрежата за спречување на одлив на мозоци“.
На конференцијата беше презентирана анализата за спроведување на Националната стратегија 2013-2020, чија вкупна реализација изнесува само 11%.
- Можеме да заклучиме дека прашањето на одливот на мозоци не се третира суштински, туку површно, бидејќи ваков серозен проблем не смее да остане на парче хартија која ќе се заборави во текот на 7-8 години. Одливот на мозоци е реалност и мора да биде приоритет - изјави Оливер Андреевски, еден од авторите на анализата.
На конференцијата дополнително се дискутираше за можни мерки, но и за можноста за креирање нова стратегија. Меѓу другото, беше претставен и документот за јавна политика каде што има детаљни препораки за ресорните министерства за воведување мерки за спречување на одливот на мозоци.
- Постои голема потреба од синхронизиран и координиран пристап помеѓу државните институции. Мерките што треба да се донесат се комплексни и сложени, но како најважни сметаме дека се: вклучување на младите во процеси на донесување одлуки, поддршка во кариерниот развој и основање бизнис, дигитализација и подобрување на работата на јавната администрација, неселективна примена на законите и искоренување на корупцијата - изјави Марјан Ицоски, автор на документот.
Мрежата за спречување на одливот на мозоци е неформална мрежа составена од седум граѓански организации што работат на различни полиња поврзани со развојот на младите, младинските политики и права, како и младинското информирање. Целта е да се поттикне креирање системски решенија за задржување на младите во земјата.