Нови 200 вработувања, за 5 отсто повисоки плати за вработените во градинките се предвидени во буџетот за идната година кој на денешната прес-конференција го најави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска. Според предлог-документот, буџетот ќе изнесува 43 милијарди 375 милиони и 583 илјади денари. Поради сите засегнати категории, овој ресор влече најголем дел од вкупниот буџет на Република Македонија, околу една третина. Царовска нагласи дека се намалени нерационалните трошоци за репрезентација во министерството, додека надоместоците за учество во комисии и работни групи се намалени или укинати. Тие во изминатите години биле неоправдано високи.
Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика
Буџетот на МТСП ги опфаќа социјално загрозените категории, ранливите групи на граѓани. Повеќе од 120 илјади граѓани се корисници на социјални надоместоци од околу 8 милијарди денари. Парите се наменети за правата од социјална заштита, детска заштита, цивилни инвалиди, борци и воени инвалиди итн.
- Идната година повеќе ќе се фокусираме на детските градинки. Да се подобри опфатот на деца, просторните и кадровски капацитети. Најголемо зголемување има кај трансферите до единиците на локална самоуправа за блок дотации за детски градинки, кои изнесуваат 1 милијарда 578 милиони и 290 илјади денари. Предвидени се средства за 200 нови вработувања, за зголемувањето на платите за вработените во градинките за 5 отсто, дополнителни средства за материјални трошоци за функционирање на градинките. Крајни корисници се околу 30 илјади деца во земјава. Во буџетот се предвидени и 58 милиони денари за нови капацитети за изградба и опремување на детски градинки и објекти за социјална заштита - потенцира Царовска.
За нови вработувања скоро една милијарда денари
За новите вработувања ќе бидат обезбедени 987 милиони и 500 илјади денари. Финансиската поддршка на фирмите за исплата на минимална плата изнесува 461 милион и 250 илјади денари.
- Овие средства значат подобрување на стандардот на повеќе од 70 илјади граѓани од семејства со минимални примања – вели Царовска.
Процесот на деинституционализација за прв пат добива посебна буџетска линија која во 2018 година ќе изнесува 25 милиони и 713 илјади денари. Министерството останува посветено на оваа реформа, која значи трансформација на големите институции во обезбедувачи на услуги во локалната заедница.
Од вкупниот буџет 29 милијарди и 158 милиони денари се наменети за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на повеќе од 300 илјади корисници. За редовна исплата на породилно отсуство и здравствено осигурување на лица од социјални категории, борци и воени инвалиди се предвидени 2 милијарди и 495 милиони денари. За плати и надоместоци за вработените во Министерството за труд и социјална политика, центрите за социјална работа, дневните центри за вонинституционална социјална заштита, установите за институционална социјална заштита и детското одморалиште Илинден-Гостивар се издвоени 666 милиони денари.
За граѓанските организации се издвоени 89 милиони и 573 илјади денари, од кои 66 милиони се наменети за националните инвалидски организации и Црвениот крст, а останатите се за поддршка на здруженија на граѓани од областа на социјалната заштита.