X
 23.12.2020 Образование

Учениците ќе можат да изберат да учат фотографија, драма, јога, планинарење, готвење...

Секој ученик ќе добива посебни оценки по биологија, физика и по хемија, а наставниците на крај ќе треба договорат една конечна оценка за да го оценат по предметот природни науки, велат креаторите на концепцијата

Министерката за образование и наука Мила Царовска и членовите на работната група која ја прави новата концепција за основно образование денеска го презентираа новиот концепт на основно образование, кој е предвидено да влезе во системот од следната учебна година. Во тимот се и универзитетски професори, меѓу кои проф. д-р Кирил Барбареев од штипскиот универзитет и проф. д-р Виолета Петровска-Бешка од Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. На презентацијата беше кажано дека во наставата ќе има осум задолжителни предмети.

- Во едната група предмети ќе спаѓаат мајчин јазик, математика, природни науки, општествени науки и англиски јазик. Во природни науки ќе има содржини кои досега спаѓаа во биологија, физика, хемија. Општествени науки ќе опфаќа содржини кои традиционално досега припаѓаа на граѓанско образование, религии, етика, историја и на други хуманистичко-општествени дисциплини. Во другата група предмети спаѓаат предмети кои го покриваат уметничкото образование, од кои дел се ликовно и музичко. Освен тоа, тука е предметот физичко-здравствено образование, како и техничко-технолошко и информатичко образование - рече Петровска-Бешка.

Албанскиот јазик ќе биде понуден како втор странски јазик

Голема новина е тоа што секое училиште мора да понуди две листи со изборни предмети – едната група се други јазици, а другата група се предмети кои досега се нарекуваа секции (кои ги имаше само на хартија). Во групата на изборни се вториот странски јазик – германски, француски, италијански или руски, а сега новина е тоа што јазикот што ќе го учат нема да го наметне училиштето, туку ќе го одбираат самите ученици.
И она што се најавува како уште поголема новина е тоа што албански јазик ќе се нуди да се учи како втор странски јазик.



- Другата категорија изборни се предмети од типот на оние што учат на математичко и логичко резонирање, програмирање, потоа сликање/цртање, сексуално образование итн. Тука има изборни предмети кои ги поддржуваат пошироките интереси на учениците – фотографија, драма, готвење, градинарство, вајарство, моделарство итн. Има и предмети што се за поддршка на личниот развој на учениците – образование за животни вештини, мултикултурни вештини итн. Изборни предмети има и од спортско-рекреативен карактер, како што се планинарење, јога, пилатес, велосипедизам и слично. Слободните изборни предмети им се нудат на децата од 1. до 9. одделение. Секое дете ќе може да избере по еден предмет во секое полугодие - објасни Петровска-Бешка.
Наставните програми допрва ќе се изработуваат и тие ќе се реализираат по модуларен принцип. Наставните програми ќе ги прават лица кои се експерти во тие наставни дисциплини. За успешно планирање, неопходна е соработката меѓу наставниците од различни дисциплини.

Ќе се изработат нови учебници по сите предмети

Со новиот концепт, тенденција е класичните форми на учебници да бидат заменети со дигитални форми на учебници. Кај уметностите ќе нема учебници, туку ќе се користат наставни материјали. Наставни материјали ќе се користат и за слободните предмети.

- Наставниците ќе имаат автономија да креираат или да избираат наставни материјали. Сега не е насочено сè на совладувањето на учебникот. Нема потпирање на учебници, туку добра замена за нив можат да бидат соодветни наставни материјали. Во однос на наставниот кадар, МОН гарантира дека ни еден наставник нема да го изгуби работното место. Концепцијата не ги загрозува наставниците. Се очекува дека ќе расте потребата од наставници, а не да се намалува - додаде Петровска-Бешка.

Биологија ќе предава наставникот по биологија

Ако децата имаат час по природни науки, за содржини кои се однесуваат на предметот биологија, ќе го предава наставникот по биологија. Едно се лекции, а друго е тема. Темата се набљудува како интегрирана целина и една тема може да се обработува во текот на цело полугодие. Различни наставници, зависно од потребата, ќе влегуваат на часовите, појасни професорката.

- На пример, ако темата е заштита на животна околина, од биологија ќе учат за влијание на човекот врз средината, на хемија ќе учат за заштитата од загадување, а на физика ќе учат за обновливи извори на енергија. Но тоа не значи дека сето тоа ќе го учат во еден час. Оценките ќе се креираат со континуирана соработка меѓу наставниците. На пример, за општествени науки, ќе седнат наставниците и заеднички како што ќе се договараат за часовите, така ќе се договараат и за оценките. Секој за својот дел ќе си формира оценка, па заедно ќе формираат една оценка - појасни професорката.
Од денеска почнува јавната расправа за новата концепција, па сите што имаат предлози и забелешки можат да ги достават во МОН. Сега, откако е направена концепцијата, ќе следува креирањето на нови наставни програми, а по нив ќе се прават наставни материјали.



Наставниците ќе се обучуваат како да си го сменат пристапот

Наставниот кадар во училиштата ќе има поголема автономија во работата, а новините предвидуваат наставниците да си го сменат пристапот во работата со учениците. Ќе има и обуки за нив откако ќе се изготват наставните планови.

- Околу март идната година се очекува да започнат обуките за наставниците, но и за идниот кадар што ќе се создава. Процесот на подготовка мора да тече согласно новата концепција, а тоа значи дека ќе мора да претрпи промени и високото образование со цел да се следат новите тенденции. Потребна е опрема на факултетите, со дидактички материјал, лаборатории, потребни се вработувања на нов кадар, потребна е подинамична соработка меѓу училиштата и факултетите. Државата треба да создаде услови за сето ова да функционира - рече проф. д-р Кирил Барбареев, кој е член на работната група за концепцијата за основно образование.

Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование