X
 14.12.2017 Култура

„Чудо“ од филм со многу силни пораки!


Сцена од филмот „Чудо“
(Фото: Youtube / Screenshot)



Филмот „Чудо“ (Wonder, 2017) е снимен според истоимениот детски роман од авторката Р. Џ. Палацио, кој беше и бестселер според „Њујорк тајмс“. Сторијата го следи момчето Оги Палман кое, поради ретко генско нарушување, има деформирано лице, па до петто одделение се школувало во домашни услови и не се движело меѓу своите врсници. Но, родителите на Оги носат одлука да го пратат во јавно училиште, каде што момчето се сретнува со многу тешкотии – доживува отфрлање од страна на своите соученици и станува жртва на врсничко насилство. Но и покрај тоа, Оги останува храбар и со својата добродушност ги освојува срцата дури и на оние што го малтретирале.

Филмот со инспиративната содржина и поучното дејство, како и силните пораки што ги носи, од неодамна стана и препорака на хрватското министерство за наука и образование да се проследи во рамките на воспитно-образовната настава.

Треба да напоменеме дека во продолжението на текстот се откриваат и делови од содржината на филмот, но наша цел и интенција е да ги потенцираме клучните пораки на овој вонреден филм:

1.    Да се биде различен е сосема во ред, а за другите не би требало да судиме според нивниот изглед.

Оги е момче кое е родено со ретко генско нарушување поради што поминало низ низа оперативни зафати на лицето, па затоа и не изгледа вообичаено. Иако мнозинството врсници во новото училиште го отфрлаат, со текот на времето стекнува пријатели кои го препознале неговиот весел и духовит карактер, но и неговата добродушност. Токму тоа се, како што се  нагласува во филмот, единствените важни квалитети што би требало да ги најдеме кај пријателите. Освен со својата посебност, Оги успеал да ги заинтригира своите другари и со своето знаење, па филмот на извесен начин ги промовира и учењето и успехот во училиштето.

2.    Филмот се занимава во врсничко насилство и со важноста секој да се заземе за себе.

Откако првите четири школски години ги поминува дома, Оги тргнува во јавно училиште каде што поради својот надворешен изглед, станува предмет на потсмев и психолошко врсничко насилство, особено од страната на еден ученик. Тоа го погодува до толкава мера, што во еден момент почнува да размислува да се отпише од училиштето, но и покрај сè не се откажува благодарение на својот позитивен и смел дух, па успева да се избори за своето место во екипата. Неговата храброст е инспиративна затоа што на насилството никогаш не одговара со насилство, и токму поради тоа, дури и оние што го гледале со потсмев и презир, на крајот почнуваат да му се воодушевуваат.

3.    Низ филмот јасно се прикажува важноста на единката во колективот.

Истите случувања во филмот се прикажани низ повеќе ликови, па така директно може да се види каква е состојбата на Оги и како ситуацијата во која се наоѓа влијае врз другите деца од неговата околина. На пример, мајката на Оги поголемиот дел од своето време му го посветува токму на Оги, додека неговата сестра Виа, инаку примерна тинејџерка од родителите добива многу помало внимание, што прилично влијае врз нејзината самодоверба. Освен врз неа, состојбата на Оги, но и неговата особеност на одреден начин влијаат и врз Миранда, најдобрата другарка на Виа, која е речиси член на семејството Палман.

4.    Понекогаш, за да се најдеме себеси, мораме да излеземе од удобната зона и да се обидеме во нешто поинакво.

Виа, сестрата на Оги, е примерна тинејџерка која има проблем со самодовербата. По долго наговарање од новиот пријател, се одлучува да се пријави на аудиција за една претстава, сомневајќи се во своите способности. По игра на судбината, таа настапува во претставата во главната улога, со што ги покажува своите актерски способности и неверојатен талент.



Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура