X
 16.11.2017 Култура

Владимир Набоков: „Зошто љубовта е слепа?“

Многу пати споменатата фраза „Љубовта е слепа“ во романот на Набоков - „Смеење во темница“, е прикажана преку еден лик, но во интеракција со друг, добива целосна смисла. Класичната приказна за љубовниот триаголник и брачното неверство е евидентна - маж се заљубува во помлада жена - ова крие подлабоки метафори, секогаш актуелни и на читателот му открива нешто повеќе од трилер-расплет.

Комплицираниот однос меѓу Албин и Марго

Албин, главниот машки лик во романот до моментот кога ја запознава Марго, се чини како човек без страст во животот. Страст кон што било. Води едноставен живот, мечтае за други жени, оди на работа и живее. Марго, малолетна девојка, атрактивна, но не многу интелигентна и морална, буди нешто во него.

Дури во односот со Марго, Албин станува вистинскиот Албин. Страстен и заљубен, желен, подложен кон манипулации, но сепак одлучен. Се случува невозможното - мажот си ја остава жената поради љубовницата. Маргината на посветеност на Албин има валкани корени, замаскирана со разврат, но Марго е вистинската Маргот само во однос со Рекс, поранешен љубовник и нејзина слаба точка.

Иако без многу животно искуство, Марго сфаќа една од универзалните вистини. Во овој роман, сексот е задоволство за мажот, а можност за жената. Сепак, уништувањето на семејството на Албин не е вина што треба да биде товар на Марго.

Љубовта е слепа

Секој од ликовите во романот во моменти на соочување со изборот чии последици ќе бидат далекосежни и ќе имаат влијание врз другите ја избира опцијата што секогаш ќе има најмногу можности за постепена пропаст.

Иако се чини дека Албин е показател и дефиниција за слепа љубов, учеството на Марго во нијансирањето на сложениот љубовен однос во романот исто така е дел од љубовното слепило. Нејзиното слепило е предизвикано од Рекс, друг маж, а Албин е тој што ги трпи последиците.

Иако Марго е дете, таа е далеку од невина и наивна. Таа не е слепа за последиците од своите одлуки и постапки, а нејзините уцени се пресметани и добро испланирани, но под влијание на Рекс.

Краткото поглавје и јасниот стил го карактеризираат овој роман, кој во комбинација со универзалната тема е роман што плени и го привлекува читателот со секоја страница на развратничката и неморална игра на трите лика, каде што тешко е читателот да се одлучи за победникот.

Марго е можеби првата Лолита, неправедно запоставена поради другата, но е лик што понекогаш суптилно, а понекогаш јасно е прикажан од различни агли - љубовница, заљубена жена, пресметлива и ладнокрвна, а дете во основа на сè.

Автор: Александра Алексиќ
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура