X
 25.12.2017 Живот

Основци пијат за да се расположат, родителите не забележуваат

Старосната граница на младите што консумираат алкохол во изминативе години се спушти на 12 години, предупредува детскиот психијатар Омер Сулејман.



Со другарите пиеме понекоја чашка алкохол пред да излеземе во град за викенд. Се собираме дома кај некој чии родители се излезени или купуваме од продавница, па пиеме на некоја клупа. Не пиеме многу. Само по една-две чашки, колку да се расположиме. Понекогаш со нас пијат и девојчињата од класот, ама со нив не излегуваме премногу често. Се разбира дека нашите родители не знаат оти пиеме инаку нема да ни дозволат да излегуваме. Неколку чашки не се страшни. Па сите пијат по малку, срамежливо одговара седмоодделенецот Андреј на нашето прашање дали има пробано алкохол.

Андреј е примерен ученик, со одличен успех во училиште. Тренира и ракомет во младинската школа на еден скопски ракометен клуб, културен е и воспитан. Всушност, неговиот профил воопшто не укажува на проблематично дете што пие алкохол. За жал, многу деца во земјава со ваков профил на личноста го прават истото. Голем дел од нив знаат да се напијат „по чашка-две пред излегување“, однесување кое последниве години воопшто не е нетипично за основците од земјава.

На токсиколошките одделенија во болниците низ земјава честопати малолетници бараат помош поради претерано пиење алкохол. Оваа бројка нагло се зголемува за новогодишната ноќ, кога се случува и да не може да се најде слободен кревет. Токсиколозите велат дека секое дете различно се однесува кога ќе испие премногу.

- Некои другарите ги носат на раце, целосно изгубени и без свест. Но има и такви што кога се пијани, се хиперактивни и агресивни, па трчаат наоколу, викаат и се обидуваат да се пресметаат со нас и со сестрите. А родителите се посебна приказна кога им јавуваме дека нивното дете е кај нас. Некои доаѓаат со наведнати глави и исплашени, а некои ги тепаат зашто завршиле во болница – раскажуваат токсиколози.

Детскиот психијатар Омер Сулејман предупредува дека старосната граница на младите што консумираат алкохол изминативе години се спушти на 12 години, при што полека се губи и половата разлика меѓу младите што пијат. Дури и се стекнува впечаток дека девојчињата почнуваат да пијат повеќе од момчињата.

- Мојот најмлад пациент што дојде поради проблеми со алкохол имаше 13 години. Родителите не сфаќаат дека пиењето понекоја чашка е многу сериозна работа и сметаат дека тоа не е ништо страшно. Тие само дрогата ја сфаќаат како зависност. Велат дека е подобро децата да пијат отколку да се дрогираат. Дека работата е сериозна, сфаќаат дури откако детето ќе заврши на токсикологија. Уште пострашно е што многупати родителите ги поттикнуваат децата да пијат. Тоа го сфаќаат како машкост или забава, а не го гледаат како социјален проблем – вели д-р Сулејман.

Сѐ помасовната употреба на алкохол меѓу децата, според експертите, се должи и на недоволната контрола во продажните објекти. Тие велат дека инспекцијата генерално ги контролира угостителските објекти и големите маркети, но малолетниците сѐ уште можат слободно да купат алкохол во помалите, маалски продавнички, каде што објаснуваат дека родителите ги пратиле по пиво или вино и без проблем добиваат алкохол.

Психолозите објаснуваат дека децата се бомбардирани со примери на луѓе што пијат алкохол, ги гледаат во филмовите, рекламите, но и од примерите дома, па за нив тоа е многу нормална работа.

- Сметаат дека ако пијат, и тие се возрасни, зрели и лесно ќе се вклопат во друштвото. Порано се сметаше дека само децата од растурени или од сиромашни семејства посегнуваат по чашката, но тоа воопшто не е точно. И тие што доаѓаат од здрави и среќни семејства пијат, најчесто за да се покажат пред своите врсници. Државата мора да поработи повеќе на превенцијата за овој проблем бидејќи во практика се покажа дека системот на заплашување има минимална ефикасност. Подобро е да се работи на зајакнувањето на самодовербата на децата, на вештините за одбивање кога некој ќе им понуди алкохол, како и на справувањето со кризни ситуации – вели психологот Катерина Велковска.
Подготвил: Д.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот