Човекот најбргу се опива од портвајн и шери, тврди професорот Хал Сосабовски од Универзитетот на Брајтон, Велика Британија. Во интервју за радио Би-би-си тој истакна дека сè зависи од концентрацијата на алкохол.
- Кај пивото, на пример, алкохолот е околу пет степени. Треба да испиеш доста големо количество за да се опиеш. И обратно - вели професорот.
Според него, коктелот џин-тоник „удира“ право в глава зашто ако имате алкохол комбиниран со газиран пијалак, тоа ги забрзува голтањето и апсорпцијата. Ист е ефектот и со газираните вина, на пр., шампањското.
- Можете да почувствувате како првата чаша шампањско има ефект на вас уште во првите 30 или 40 секунди. Се чувствувате „поднапиено, затоа што карбонизацијата предизвикува побрзо внесување на алкохолот - објаснува проф. Сосабовски.
Тој препорачува да не се потпирате на митот дека чаша вода меѓу два алкохолни пијалаци го ублажува ефектот.
- Треба да внимавате зашто кога пиете силни пијалаци, а потоа вода, ги симнувате степените до оној непријатен 20, како кај шерито и портвајнот… Подобро е да испиете голема чаша вода пред да си легнете. Алкохолот има дехидратирачки ефект, кој може да се избегне на тој начин - вели професорот.
Следната битна препорака е да не се пие виски со пиво.
- Така веднаш ја претворате 4-степената напивка во 10-степена - додава тој
И ако сакате да пиете силен алкохол, без да го прежалувате следниот ден поради мамурлак, вотката е најдобриот избор.
- А за да не се опиете, најдобро е да не пиете - гласи советот на проф. Сосабовски за претстојните празници.
Извор: МИА