Претседателот на американската Сојузна комисија за комуникации (FCC), Ајит Паи, на 21 ноември најави дека FCC на 14 декември ќе гласа за укинување на правилата за неутралност на интернетот од 2015 година – што веќе се случи: FCC со 3-2 ги отповика овие правила. Со ова гласање, телекомуникациските компании добија право да одлучуваат кон што ќе можат да пристапат нивните корисници – и колку ќе треба да платат за тоа.
Со правилата од 2015 година беше извршена рекатегоризација на давателите на интернет-услуги (ISP), како што се Comcast, AT&T и Verzion од категоријата „информациски услуги“, категоризација која се применува за социјалните мрежи и пребарувачите и блоговите во категоријата „телекомуникациски услуги“. Така Сојузната комисија за комуникации стана надлежна за регулирање на работата на ISP-компаниите како „даватели на јавни услуги“ каде што спаѓаат традиционалните комунални и инфраструктурни компании што нудат општи јавни услуги, а не специјализирани пакети на услуги. Благодарение на таквата класификација, а во согласност со одредбите на законот за комуникации од 1934, на ISP-компаниите им се забранува да нудат пакети на интернет-услуги кои даваат предност или исклучуваат одредени доставувачи на содржини, со што се заштитуваат отвореноста и слободата на интернет.
Со укинувањето на овие мерки Комисијата им излегува во пресрет на барањата на лобистите на индустријата за телекомуникации и компаниите како AT&T и Comcast, кои тврдат дека правилата што биле усвоени во 2015 година довеле до пад на обемот на инвестиции во развојот на мрежата на широкопојасен интернет. Меѓутоа, кога истите компании ги известувале своите инвеститори за резултатите во работењето, прикажаните бројки откриваат поинаква слика.
Спротивно на тврдењата дека рекатегоризацијата на ISP-компаниите како даватели на јавни услуги довела до пад на инвестициите – што Сојузната комисија го наведува како главна причина за укинување на правилата за неутралност на интернетот – неодамна објавениот извештај на групата за заштита на слободата на интернетот Free Press покажува дека ниедна од котираните американски ISP-компании никогаш не ги известила своите инвеститори (или Комисијата за берза и вредносни хартии) дека општите одредби на Законот за комуникации лошо влијаат врз обемот на нивните инвестиции.
Претседателот на Комисијата, Паи, го образложи укинувањето на правилата за неутралност како „враќање кон послободна двопартиска регулаторна рамка од времето на Клинтовата администрација“, кое се претставува како спротивност на „тешката рака на регулаторните агенции на Обама“. Сепак, прописите што се укинуваат пред сè се усвоени за да се спречат злоупотреби.
Пред појавата на широкопојасни мрежи корисниците пристапувале до интернет користејќи модеми и телефонска мрежа, што било класифицирано како „телекомуникациска услуга“. Судските битки меѓу Комисијата и ISP-компаниите почнале со појавата на широкопојасните мрежи во 2000 година, кога компаниите го искористиле тоа што неправедно биле класифицирани како даватели на информациски услуги за манипулации и уценување на доставувачите на содржини, забавување на сервисите што ги сметале за непожелни и блокирање на пристап кон конкурентските страници. Таквите практики биле укинати со усвојувањето на правилата во 2015 година.
Зошто ISP-компаниите инсистираат на укинување на неутралноста на интернетот? Одговорот е едноставен: ако сте во можност да контролирате кон што пристапуваат корисниците, може да заработите многу пари, како што тоа го прават „Гугл“ и „Фејсбук“.
Не е можно да се процени колкава ќе биде финансиската корист од оваа промена, но милионските суми долари што овие компании ги вложија во кампањата покажуваат дека очекуваат голем профит. Извесно е дека најголемиот дел од сметката на крај ќе го платат крајните корисници.
Сепак, прашањето дали пристапот кон интернет треба да биде слободен или ограничен има далеку пошироки импликации од последиците врз нашите паричници. Со укинувањето на неутралноста, искуството од користењето интернет – кој сега е слободен и интерактивен – ќе се претвори во нешто слично како гледање телевизија: затворено, пасивно и бирократско. Водечките веб-страници ќе станат еквивалент на големите телевизиски мрежи...
... Во битката за неутралност на интернетот на различни страни се најдоа ISP-компаниите и потрошувачите на големи количини податоци, како што се „Гугл“, „Нетфликс“ и „Спотифај“ – компании кои укинувањето на правилата од 2015 го толкуваат како закана за своите деловни резултати.
... Затоа и „Гугл“ лобираше за правилата и затоа оваа компанија брза со изградба на сопствен интернет-сервис – „Гугл Фајбер“, што ISP-компаниите се обидуваат да го спречат преку своите врски на локалните нивоа на власт...
... Се разбира, сите овие компании мора, пред сè, да водат сметка за интересите на своите инвеститори и акционери, а не за интересот на просечниот корисник на интернет. Со укинувањето на правилата за неутралност, услугите ќе станат поскапи и помалку слободни за сите нас. ..
...На дигиталната економија не ѝ треба зголемена цензура, нееднаквост и надзор. Тоа го има и премногу.
Марк Данбар,
In These Times, 08.12.2017