08.01.2020
Живот
Иран се закани дека ќе ги нападне Израел и Дубаи, Словенија си ги повлекува војниците, американски авиони нема да летаат над Иран
Иран се закани дека ќе ги бомбардира Израел и Дубаи доколку САД се одмаздат за иранскиот ракетен напад врз две бази со американски војници во Ирак.
- Ги предупредуваме сите сојузници на САД што им дадоа бази на нивната терористичка армија дека секоја територија што служи како почетна точка за агресивни дејствија против Иран ќе биде гаѓана - соопшти Иранската национална гарда.
Иранската гарда исто така се закани дека ќе ги бомбардира Хаифа во Израел и Дубаи во Емиратите.
Иран синоќа испука балистички ракети на две бази во Ирак со американски војници, а Иранската револуционерна гарда, која ја презеде одговорноста за нападот, посочи дека нападите врз базите се „одмазда за убиството на командантот на единицата Кудс, Касим Сулејмани“. Иранската државна телевизија објави дека во нападите врз двете бази во Ирак, Ирбил и Ајс ел Асад, се убиени најмалку 80 „американски терористи“.
Иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф посочи дека Иран презел пропорционални мерки во самоодбрана во согласност со член 51 од Повелбата на ОН и врз основа на тоа од каде е извршен „кукавичкиот напад“ против иранските државјани.
- Не сакаме ескалација или војна, но ќе се браниме од агресија - напиша Зариф на „Твитер“.
Пред да се соопштат податоците за евентуални жртви, се огласи и американскиот претседател Доналд Трамп, кој напиша на „Твитер“ дека ракетите се лансирани од Иран на две воени бази во Ирак.
- Во тек е процена на штети и жртви. Засега сè е добро. Ја имаме најмоќната и најопремената војска на светот - напиша претходно Трамп и најави скоро обраќање.
Иран ги повика САД да ги повлечат своите сили од Блискиот Исток.
- Сега кога ја сфатија нашата моќ, време е САД да ги повлечат своите сили од Блискиот Исток - рече началникот на Генералштабот на иранската војска, Мохамед Бакери.
Во меѓувреме, Американската федерална администрација за авијација (ФАА) им забрани на американските авиопревозници да летаат во воздушниот простор на Ирак, Иран, Оманскиот Залив и водите меѓу Иран и Саудиска Арабија. Во соопштението на ФАА се наведува дека забраната за користење на тој воздушен простор поради зголемените воени активности и политичките тензии на Блискиот Исток е огромен ризик за цивилното воздухопловство на САД. Неколку авиокомпании што не доаѓаат од САД веќе ги прекинаа летовите над делови од Ирак и Иран.
Пред денешната препорака, ФАА во јуни им забрани на американските превозници да летаат под 7.900 стапки во воздушниот простор во Ирак и Иран.
Истовремено, шест словенечки војници, кои се стационирани во градот Ирбил во северниот дел на Ирак, набрзо ќе бидат евакуирани. Словенечките војници во Ирак се дел од германскиот контингент. За повлекувањето веќе е известен и претседателот на Словенија и врховен командант Борут Пахор, на состанокот што го имаа утрово со министерот за одбрана крал Ерјавец и началникот на генералштабот Аленка Емец. Тие телефонски разговараа и со војниците во Ирак кои кажале дека се добро.
Иавор: МИА