X
 31.07.2023 Технологија

Вештачката интелигенција на „Гугл“ пие многу вода

Додека технолошкиот гигант „Гугл“ продолжува да навлегува во светот на вештачката интелигенција, неговата консумација на вода брзо расте.

Според годинашниот извештај на компанијата за животната средина, „Гугл“ лани искористил астрономски 5,6 милијарди галони вода. Тоа е зголемување за 20 отсто во споредба со 2021 година, што веројатно генерално може да се припише на сѐ поголемата работа на вештачката интелигенција. Тренирањето на алгоритмите во големите центри за податоци значи консумација на многу енергија, но и огромни количини вода за ладење.

Поголемиот дел од оваа вода не се вади од потоци, туку е доволно чиста за да може да се користи и за пиење. Ова не се добри вести, особено ако се земе предвид дека недостигот на вода станува сѐ поголем глобален проблем.

Според одредени медиуми, планираниот центар за податоци на „Гугл“ во Аризона се префрлил на технологија на ладење со климатизација поради недостигот на вода во областа. Во извештајот на компанијата се наведува дека 82 отсто од употребената свежа вода минатата година била од региони со низок ризик за недостиг на вода.

Ова не е проблем само на „Гугл“. Огромни количини вода користат и „Мета“ и „Опен АИ“ за да ги одржуваат нивните центри за податоци - значителен скриен трошок зад вештачката интелигенција. Експертите проценуваат дека последниот модел на вештачка интелигенција на „Мета“ ја дуплирал количината на потрошена вода на компанијата во споредба со претходниот.

Извор: Futurism
Фото: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија