X
 17.03.2020 Образование

Посебен план за дејствување на УКЛО поради препораките за справување со коронавирусот

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, како јавен Универзитет, подготви посебен план на активности за дејствување во функција на почитување на препораките од Владата, Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, како и од Светската здравствена организација, со цел да се заштити здравјето на студентите и вработените (наставно-научен, административен и технички кадар) и одржување е-настава во текот на кризната ситуација.

Со оглед на моменталната ситуација со пандемијата на коронавирусот, а уште повеќе со оглед на тоа што и во ваква ситуација обврска ни е да водиме сметка за одвивање на наставно-образовниот процес, ректорскиот колегиум одлучи да продолжат сите активности поврзани со наставата по електронски пат и истовремено ги даде следниве препораки:

uklo

• Да се продолжи со настава преку онлајн-предавања, во согласност со распоредот за настава, со користење на платформите преку uklo.edu.mk доменот;
• Претходната препорака не ги ограничува наставниците да ги одржуваат предавањата и на друг начин што овозможува далечинско учење и електронска комуникација и, во оваа смисла:

- секој наставник треба да предвиди дополнителни активности за студентите (што нема да подразбираат групна работа или активности на отворен простор) на пример изработка на домашна работа, семинарски труд или други слични активности;
- секој наставник да отвори начин на комуникација преку кој студентите ќе можат да го контактираат и да дискутираат (по електронски пат) за одредени теми или активности, со што ќе се замени терминот за консултации со наставникот;
- секој наставник да оддели од своето време за работа со студенти најмалку толку колку што има неделен фонд на часови, зголемен за терминот за консултации;
- овие активности да се однесуваат еднакво на сите студентите од прв, втор и трет циклус на студии;

Со ваквите активности ќе им се овозможи на студентите да бидат поактивни дома, нивното време да биде исполнето со извршување на активности со кои ќе ги реализираат задачите што ги имаат во текот на семестарот.

Дополнително, со овие мерки, благодарение на технолошкиот развој и достапните алатки, УКЛО ја манифестира својата посветеност кон студентите и грижата за нивното знаење во овие невообичаени услови. Комуникацијата и протокот на информации се одвиваат непречено и се избегнува непосредниот контакт, кој е ризичен здравјето на наставниците и студентите во ваквите ситуации.

УКЛО е во постојана комуникација со Националната агенција за европски образовни програми и мобилност по прашања поврзани со тековните, прекинатите и планираните мобилности на студентите и кадрите. Изработено е посебно соопштение на англиски јазик и истото е доставено до партнерските странски универзитети во рамките на Еразмус + програмата со кое ги известивме дека сите планирани мобилности на студенти и професори се ставаат во мирување и воедно се информираат за моменталната состојба во земјата. УКЛО е во постојан контакт со студентите и професорите што биле во странство пред и за време на прогласувањето на пандемијата и заедно со надлежните здравствени органи се даваат препораки и се следи нивната состојба по враќањето од земјите со висок или среден ризик.

Ректорскиот коледиум на УКЛО, од првиот ден на дадените препораки од Владата, наложи сите службени патувања и предавања на вработените на УКЛО во земјите кои се од висок и среден ризик согласно листата на Светската здравствена организација да се откажат, односно сите други патувања во странство во кризниот период да се откажат. Активностите на УКЛО во однос на работењето на ректорската управа и Сенатот ќе се одвиваат редовно, преку е-седници и постојана електронска комуникација со професорите и студентите.

Се надеваме дека многу брзо ќе ја надминеме целата кризна ситуација и ќе можеме да продолжиме со редовна настава наскоро.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование