X
 05.12.2020 Живот

Прогласен најдобриот наставник во светот: Наградата од 1 милион долари ја подели со другите финалисти

Триесет и двегодишниот Ранџитсин Дисале, наставник во едно селско училиште во западната индиска држава Махараштра, е прогласен за најдобар наставник во светот и ја освои „Глобалната награда за наставници“.

Дисале бил избран од 12.000 наставници од повеќе од 140 земји во светот. Тој беше прогласен за победник од страна на познатиот актер Стивен Фрај на виртуелна церемонија во четвртокот, од Природонаучниот музеј во Лондон.

Дисале веднаш објави дека половина од наградата ќе ја подели со други девет финалисти. Неговата одлука значи дека 55.000 долари ќе одат кај други девет финалисти од Италија, Нигерија и Јужна Кореја.

Дисале е шестиот добитник на оваа награда, основана од Фондацијата „Варкеј“, а се доделува во партнерство со УНЕСКО.

Дисале вели дека глобалната пандемија на коронавирусот ја покажа важноста на образованието за заедниците.



- Во ова тешко време наставниците даваат сѐ од себе за да се осигурат дека секој ученик има пристап до добро образование - вели тој.

Во Индија има повеќе од 9,5 милиони случаи на Ковид-19, што е втора земја во светот по САД, со најголем број случаи.

Дисале додаде дека сите наставници го менуваат животот на учениците. Наставниците веруваат во давање и делење, па во духот на неговите зборови, тој одлучи да ја подели наградата со останатите финалисти.

Скромни почетоци


Наставникот почнал да предава во основното училиште „Зила Паришад“ во мало село во близина на Солапур, во државата Махараштра, Западна Индија, во 2009 година. Во тоа време училиштето било во разурната зграда покрај штала за добиток. Присуството на часовите било мало, а бракот со тинејџери - прилично чест.

Наставната програма дури не била ни на главниот јазик на девојчињата. Дисале се преселил во селото, го научил јазикот и ги превел учебниците.

Исто така, тој вовел алатки за дигитално учење и измислил персонализирани програми за секој ученик. Неговиот систем на QR-кодирани учебници сега се користи низ цела Индија.

Присуството на часовите сега е 100 отсто, а една девојка од селото успеала да заврши и факултет.

Стефанија Џијанини, претставничка на УНЕСКО, вели дека наставниците како Дисале ќе изградат помирни и поправедни општества.

- Наставниците како Ранџитсин ќе ги елиминираат нееднаквостите и ќе го придвижат економскиот раст - рече Џијанини.

Посебната награда наречена „Ковид-херој“ ја добил британскиот наставник Џејми Фрост, кој создал онлајн-платформа за учење математика. Фрост вели дека пандемијата на коронавирусот уште повеќе ќе ги намали шансите децата да добијат добро образование.

- Затоа, секој слободен час го посветив работејќи на платформата, за да им помогнам на учениците низ целиот свет, кои се исфрлени од нивните училници - изјави тој.



Извор: Aljazeera.com
Фото: Screenshot/Youtube/ Global Teacher Prize
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот