X
 17.04.2020 Живот

34 милиони прегледи за само една недела: Зошто баш сите зборуваат за оваа серија?

Ако имате профил на која било социјална мрежа, веројатно знаете дека постои серијата „Kуќа од хартија“ („La casa de papel“) и дека сите ја гледаат.

Неодамна излезе и четвртиот дел (вториот дел од втората сезона). Во само два дена серијата на светско ниво стана побарана од која било друга серија, дури и од „Игра на троновите“ и „Живи мртовци“. Поточно, само во првата недела овој шпански хит го погледнале 34 милиони гледачи, а во овој момент тоа е најгледаната странска серија на оваа платформа.

Не станува збор за шпанска сапуница, туку за серија која на IMDb има прилично импресивна оцена (8,6) и 92 отсто позитивни оцени на „Ротен Томејтос“, што значи дека и публиката и критиката го споделуваат воодушевувањето.



Осум крадци и работата на животот

Станува збор за крими-серија за осум крадци кои земаат заложници и се затвораат во Кралската ковачница на пари, а умот зад целата операција манипулира со полицијата однадвор за да ја изврши својата намера. Се разбира, приказната станува многу покомплексна, но тоа е основниот заплет од каде што почнува сè.

Првата сезона се појави во 2017 година, а внимание привлече како прва серија за грабеж на шпански јазик и дело на сценаристот Але Пине и режисерот Хесус Колменар, а осмислена е како неконвенционален пристап на жанрот и преполна е со неочекувани пресврти, надреални моменти и флешбекови. Прилично е јасно дека авторите сакаат серијата да биде различна од сè што се нуди, а тоа особено се однесува на ликовите кои во секој момент можат целосно да ја променат приказната и во секунда да се префрлат од јунак во негативец и назад.

Костимите кријат порака


Серијата од почетокот на прикажувањето имаше одлична гледаност, а од појавата на пандемијата бројките значително се зголемија, но никој не очекуваше дека европска серија ќе постигне ваков успех.

Причината за популарноста делумно лежи и во антикапиталистичките теми што веројатно најдоа плодна почва во овие неизвесни времиња. Имено, преводот на изворното име на серијата е „Куќа од хартија“, а освен што се однесува на парите и нестабилноста на ваквите куќи, воедно е и метафора што се однесува на лажноста на еден систем и на капиталистичкото општество управувано од банките без да ги разбере потребите на „малиот човек“.

Истата порака ја кријат и маските и костимите на крадците кои се симбол на отпор, огорченост и скептицизам кон системот, што е објаснето и во серијата. Покрај црвените комбинезони, крадците носат и маски на познатиот уметник Салвадор Дали, кој голем дел од својата работа ја создал во периодот на дадаизмот, уметничко движење чија цел била и отфрлање на модерното капиталистичко општество.


Црвената боја што преовладува во серијата е симбол на љубовта, смртта, но и отпорот.

По многу револуции низ светот, црвената боја стана симбол за нова слобода, а бидејќи реалноста ја имитира уметноста, костимите за серијата се појавија за време на протестот во Порторико на кое демонстрантите минатиот јули бараа оставка од гувернерот Рикардо Росел.

Што се однесува до серијата, авторите дадоа до знаење дека оваа сезона нема да биде последна и дека нè  чекаат барем уште два дела.

Извор: Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот