X
 17.04.2024 Наука

Безбоен гас без мирис поврзан со алармантниот пораст на рак на белите дробови кај непушачите

Иако ракот на белите дробови традиционално се смета за болест на пушачите, изненадувачки 15-20 отсто од новодијагностицираните карциноми на белите дробови се јавуваат кај луѓе што никогаш не пушеле, од кои многумина се во 40-тите или 50-тите години.

Лекарите велат дека порастот на случаите на рак на белите дробови кај непушачите е веројатно поврзан со долгорочна, висока изложеност на гасот радон. Овој безбоен гас без мирис се испушта од распаѓањето на радиоактивниот материјал што природно се појавува под земја, а потоа продира низ темелите на зградите. Гасот може да се задржува и тивко да се акумулира во домовите и белите дробови на луѓето, освен ако не се изврши тестирање за проверка.

Иако американската Агенција за заштита на животната средина (ЕПА) препорачува редовно тестирање за гасот радон и корективни мерки за намалување на нивото на изложеност во домовите, новото истражување спроведено од страна на Сеопфатниот центар за рак при Државниот универзитет во Охајо, болницата за рак „Артур Г. Џејмс“ и „Ричард Џ. Солоув“ Истражувачкиот институт, покажало дека неверојатни 75 отсто од Американците не ги тестирале своите домови за присуство на гасот радон, а повеќе од половина (55 отсто) не се загрижени за изложеноста на радон во нивните домови, заедница или училишта.

- Секој може да развие рак на белите дробови, а како заедница треба да бидеме свесни и загрижени за изложеноста на гасот радон бидејќи се смета дека е една од водечките причини за појава на рак на белите дробови кај лицата што никогаш не пушеле - и има нешто што можеме да го направиме за да го намалиме ризикот. Постојат релативно едноставни тестови за мерење на радонот во домот и активности за намалување на изложеноста на него - истакнал д-р Дејвид Карбон, торакален медицински онколог.

Ова вклучува инсталирање на систем за санација на гасот радон, надвор од домот, кој го вшмукува воздухот од подрумот каде што обично се задржува радонскиот гас. Зголемувањето на протокот на воздух со отворање на прозорците и користење вентилатори (проветрување) во вашиот дом, како и затворање на пукнатините на подот, ѕидовите и основата - е исто така важно.

Ракот на белите дробови во пораст кај младите непушачи

Ризик-фактор број 1 за појава на рак на белите дробови е долгорочното пушење цигари. Сепак, стапката на рак на белите дробови кај непушачите продолжува да расте. Симптомите на болеста се исти без оглед на тоа дали личноста пушела: генерално не се чувствува добро или постојано чувствува замор, има честа кашлица, болка во градите, отежнато дишење или кашлање со крв.

Ако се открие во најраните фази, стапката на излекување на ракот на белите дробови може да биде 90-95%. Сепак, најголемиот дел од случаите не се откриваат додека болеста не се прошири низ белите дробови, или на други делови од телото, кога третманите не се толку ефикасни.

Потребно е тестирање за присуство на гасот радон во домови, училишта и работни места

Карбон забележува дека високото ниво на изложеност на радон на училиште или на работа е исто толку опасно за здравјето како и изложеноста на високо ниво во подрумите во домовите. Тој вели дека силно го поддржува потенцијалното законодавство во САД, кое бара тестирање за присуство на радон во училиштата, на деловните места и за време на продажбата на домовите, за да се помогне во намалувањето на ризикот. Ефектите на радонот врз белите дробови се кумулативни и можат да бидат одложени со децении.

-Значи, вашите деца кои си играат во вашиот подрум или одат на училиште денес, изложени на непознати нивоа на радон, би можеле да развијат рак на белите дробови за 10, 20, 30 години. И бидејќи гасот е целосно безбоен и без мирис, нема да имате поим дека сте изложени, освен ако не ја знаете важноста од проактивното тестирање - потенцира Карбон.

Извор: Science daily

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука