X
 30.10.2017 Технологија

Зошто батериите на паметните телефони експлодираат?

Паметните телефони што експлодираат се кошмар за секој сопственик, без разлика дали се работи за Андроид или „ајфон“. Со години одговорите за експлозиите се поврзуваа со батериите, но немаше подетални објаснувања. Научниците конечно успеале подобро да разберат зошто доаѓа до вакво нешто.

фото извор: Flickr

Истражувачи од Универзитетот „Стенфорд“ со микроскоп набљудувале „дендрити“ – израстоци кои ги прекршуваат бариерите на батериите. Користеле техника која е наречена крио-електронска микроскопија, па преку неа брзо се замрзнуваат примероци во течен азот, па со тоа истражувачите имаат попрецизна слика од примероците што ги набљудуваат.

Претходно „дендритите“ биле прикажани како нерегуларна, тенка форма, а новите слики покажале дека се долги, елегантно формирани кристали со 6 страни. Тие се формираат кога електродите во батеријата се деградираат. Ова предизвикува металните јони да се собираат на површината. Кога јоните ќе се прекршат на две половини од батеријата, тогаш почнува загревањето, па доколку загревањето не престане, може да дојде до експлозија.

Со ваквиот увид се олеснува понатамошната работа во однос на превенцијата при вакви ситуации. Истражувачите велат дека секојпат кога се обидувале да видат литиумски метал со високо зголемување, преку електронскиот микроскоп, електроните правеле дупки во „дендритите“ или ги топеле. Го споредуваат овој процес со фокусирање на сончевата светлина на лист со лупа. Но, ако го изладите листот истовремено кога ја фокусирате и светлината, топлината ќе се потроши и листот нема да биде оштетен. Тоа е она што го прават научниците со крио-електронска микроскопија.

Со ваквите истражувања научниците ќе имаат подобро разбирање за идно создавање планови за нови типови батерии. Целта е да се креираат издржливи батерии кои ќе имаат значително помал ризик од прегревање и во крајна  фаза, експлодирање.

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија