X
 17.05.2024 Технологија

Европската комисија ја истражува „Мета“ во врска со заштитата на децата на платформите

Европската комисија објави дека започна истрага против „Мета“ поради загриженоста за заштита на децата на нејзините платформи „Фејсбук“ и „Инстаграм“.

Тие две платформи би можеле да ги искористат слабоста и неискуството на малолетниците и да предизвикаат зависност, се вели во соопштението на Комисијата.

- Еден од проблемите е ефектот „зајачка дупка“, кој ве вовлекува во сè повознемирувачка содржина - изјавил претставник на Комисијата.

Покрај тоа, европската извршна власт е загрижена и за пристапот на малолетниците до несоодветна содржина, како и за заканата за нивната приватност. Двете истраги за „Фејсбук“ и „Инстаграм“ се спроведуваат според Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА), опсежна регулатива за онлајн содржините, што бара големите платформи да ги проценат и ублажат различните ризици што произлегуваат од нивното користење, особено од децата.

- Не сме убедени дека „Мета“ направи доволно за да ги исполни своите обврски од ДСА за да ги ублажи ризиците од негативни ефекти врз физичкото и менталното здравје на младите Европејци на своите платформи „Фејсбук“ и „Инстаграм“ - изјавил европскиот комесар за индустрија Тиери Бретон.

Тој објаснил дека „ефектот на зајачка дупка“ се создава кога алгоритмите на платформата ги хранат корисниците со содржина - на пример, нешто што доведува до депресија или нереални слики за телото, што може да предизвика проблеми со менталното здравје кај децата. „Мета“ може да не користи алатки за проверка на возраста кои се „разумни, пропорционални и ефективни“ за да ги спречи малолетниците да пристапат до содржина што е несоодветна за деца, се вели во соопштението на Комисијата.

Комисијата ќе испита и дали компанијата ги исполнува обврските од ДСА за воведување соодветни и пропорционални мерки за обезбедување високо ниво на приватност, безбедност и заштита на малолетниците.

Европската комисија ќе посвети особено внимание на стандардните поставки за приватност што „Фејсбук“ и „Инстаграм“ ги имаат за малолетниците, како и на „дизајнот и функционирањето на системи за препораки“, кои им препорачуваат одредени содржини на корисниците. Доколку се открие дека „Мета“ ги прекршила правилата за ублажување на ризикот на ДСА, може да се соочи со казни до 6 отсто од нејзиниот глобален годишен приход.

Таа компанија веќе е под истрага за начинот на кој се справува со политичкото рекламирање во пресрет на претстојните избори за Европскиот парламент, кои ќе се одржат од 6 до 9 јуни. Комисијата, исто така, го истражува „Тик-ток“ за слични прашања за заштита на децата.

Правилата на ДСА за ублажување на ризикот важат за многу големи онлајн платформи, оние со повеќе од 45 милиони месечни активни корисници во ЕУ. Други одредби од ДСА, како што е обврската да се има механизми кои им овозможуваат на корисниците да означуваат нелегална содржина, се применуваат и на помалите платформи. Сепак, највисоките казни се применуваат само на многу големи платформи.

Извор: zimo.dnevnik.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија