X
 13.10.2017 Наука

На Антартикот се отворила мистериозна дупка со големина на Холандија

Огромна дупка со големина на Холандија се отворила во мразот на Антартикот, а научниците не знаат зошто. Велат дека дупката е неверојатна, огромна и мистериозна. „Изгледа како некој да продупчил дупка во мразот“, рекол физичарот Кент Мур од универзитетот „Мисисауг“ во Торонто.

фото извор: Полинии/ Getty Images

Пределите со отворена вода кои се опкружени со ледена морска вода, како овој се нарекуваат полинии. Се формираат на крајбрежните подрачја на Антартикот, велат експертите. Тоа што е чудно во овој случај е што оваа полинија е длабоко во мразот, па очигледно ја формирале процеси кои не можеме да ги дефинираме, додал Мур.

Дупката се наоѓа на стотина километри од работ на мразот. Пронајдена е со помош на сателити, инаку научниците никогаш не би дознале за неа. Полинија е веќе забележана на ова исто место во Веделово море, во седумдесеттите години од минатиот век, тврди Мур. Научниците тогаш не успеале да ги откријат причините за нејзината појава бидејќи истражувачките инструменти не биле прецизни како денешните. Минатата година дупката повторно се отворила на неколку недели. Сега повторно е тука. Мур вели дека ова е втора година по ред како дупката се отвора, откако ја немало 40 години, па сега се обидуваат да сфатат што се случува.

Се претпоставува дека за ваквите појави „виновно“ е глобалното затоплување кои го менува изгледот на светот. Она што научниците можат да го заклучат е дека полиниите имаат силно влијание на океаните. Кога мразот ќе се стопи, разликата во температурата помеѓу океаните и атмосферата е голема. „Погустата и постудена вода оди на дното на океанот, а топлата се задржува на површината, заради што полинијата може да продолжи да се проширува“, вели Мур.

Со помош на сателити и подморски роботи, Мур и неговите соработници работаат на уште необјавени истражувања кои би требало да одговорат на некои од овие прашања. Сепак, во споредба со периодот од пред 40 години, количината на податоци кои научниците ги имаат денес е неверојатна.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука